Владата ќе ги штити институциите од хакерски напади со рекордно скап софтвер

Фото: ЕПА

Генералниот секретаријат на Владата на почетокот од овој месец склучи договор за софтверски лиценци со компанијата Аитоникс од Скопје во вредност од 23.027.141 евра за заштита на институциите од хакерски напади.

Сумата која е за 8 милиони евра поскапа од последниот договор од пред три години, кога Владата издвои 15 милиони евра за заштита на институциите за сајбер безбедност со истата компанија сега е зголемена поради наводно зголемениот број на министерства односно институции кои ќе влезат под безбедносниот чадор и сега изнесува 22, за разлика од претходната која била направена за 18 институции.

Субјектите кои ќе бидат заштитени се Владата, сите министерства, ФЗОМ, ПИОМ и Царина. Како што информираат од Владата за домашните медиуми оваа набавка би се зголемила ефикасноста и  ефективноста во работењето, а воедно и ќе се обезбеди подигнување на нивото на безбедност во работењето.

Во меѓувреме со жестоки реакции за висината на набавката и значајно поскапите лиценци за оперативните системи реагираше и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролот Наум Стоилковски праша како е можно договор за лиценци кој пред 3 години вредел 15 милиони евра, сега да тежи над 26 милиони долари.

„Не може да не се напомене дека овој договор од над вртоглави 26 милиони долари за софтверски лиценци, е последователен за истата фирма којашто во 2020-та година склучи договор со Драги Рашковски, токму пред неговото заминување од местото генерален секретар на владата, исто така на три години, со тогаш рекордни 15 милиони евра за софтверски лиценци за администрација. Тендер којшто не мина без скандал односно, со повторена постапка и со избришани претходни поставени услови?“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Паралелно на ова домашните експерти за сајбер напади коментираат дека државата е ранлива на сајбер напади и вложивање во безбедносниот систем е неопходно. Бојан Стојковски долгогодишен новинар кој бил дел од истражувањето на БИРН за „Слободен печат“ вели дека хакерските напади на Балканот имаат заеднички именител за сите држави а тој е да се наруши довербата во институциите а со тоа и демократијата.

– Голем број од хакерските напади кои се случија во последната година покажаа дека последиците можат да ги нарушат финансиските системи, да ги парализираат владините операции и активности, како и да компромитираат сензитивни и лични податоци на голем број граѓани, а како резултат сето ова ја поткопува довербата на македонската јавност во државните институциите – вели Стојковски.

Тој објаснува дека свеж пример на хакерски напад кој ја парализираше неодамна државата е случајот со македонскиот фонд за здравство.

– Како што покажа и неодамнешниот случај со ФЗОМ, потребен е само еден напад за да се предизвика целосен колапс на здравствениот систем на пример. Секој дополнителен хакерски напад пак открива и нов проблем во инфраструктурата за сајбер безбедноста во земјата. Недостатокот на одговор против ваквите хакерски закани пак ја нагласува и итната потреба за властите да почнат да работат на зајакнување на сајбер безбедноста и што поскоро да ги засилат своите капацитети – објаснува Стојковски.

Дополнително истражувањето на БИРН посочува дека банкарските системи, државните институциите и личните податоци на граѓаните се најчести мети на хакерите во земјите на Балканот.

Недостасува државна стратегија за заштита од модерните закани

Мане Пиперевски е извршен директор на „Сајбер плус“ и експерт за сајбербезбедност со 15 години искуство во оваа област во неколку наврати за „Слободен печат“ посочува дека на државите од регионот им недостасува стратегија за сајбербезбедност која ќе ги превенира хакерските напади, дезинформациите и ширењето на странските пропаганди преку интернет.

-Општеството се движи во правец на дигитализацијата која започна пред две децении. Оваа дигитализација предизвикува миграција на општествените сервиси кои се нешто што обезбедува добивка за државата и за граѓаните. Затоа многу е битно сите сервиси во општеството што се дигитализираат да бидат изградени на три столба. Првиот столб е да биде лесно за користење, вториот столб е функционалноста на системот и третиот столб е безбедноста на дигиталните средства. Проблемот што настанува кај нас со трите столбови е поради тоа што не се гледаат како континуиран процес, туку се набавува софтвер, се поставува се прави концепт на дигитализација и сервисот влегува во употреба, дигитализацијата е процес што подразбира рамка и утврден стандард или закон според кој ќе биде обезбедуван – рече Пиперевски.

Тој дополнува дека потребна е целосна компатибилна и комплементарна законска регулатива за да се постигне безбедносно обезбедување и сигурност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот