Владата ги испрати новинарите од состанокот за борбата против дезинформациите

Фото: Д. Митрески

Владата ги испрати новинарите од конститутивниот состанок на Акциската група за координација на државните институциите за борба против дезинформации и напади на демократијата. Јавноста имаше можност да го слушне обраќањето на државната тројка, претседателот Стево Пендаровски, собранискиот спикер Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

Функционерите додека говореа за борба против ширење на лажни вести и манипулација на јавноста, новинарите можеа само да ги слушнат нивните ставови, но не и да постават прашање, зашто така предвидувала агендата.

– Јас ви благодарам на присуството, сега говорам за претставниците на медиумите, на новинарите. Овде го затвораме отворениот дел на денешнава дискусија и координативна седница. Ќе дадеме кратка пауза, а потоа ќе почне работниот дел којшто ќе биде затворен за јавност, ви благодарам уште еднаш – рече министерот за транспарентност, Поповски.

Штом државната тројка седнала на иста маса да разговора за борба против дезинформациите, Владата сериозно сака да се избори против лажните вести, ваква беше пораката на министерот Поповски.

За првиот човек на законодавниот дом, Талат Џафери, лажните вести прават штети во општеството кои не можат да се надоместат.

– Штетите од лажните вести не можат да се надоместат, бидејќи информацијата е овде и сега, тенденциозно ги дискредитираат личностите и институциите. Токму затоа е потребна борба против дезинформациите и како еден дел од битката, Собранието е секогаш транспарентно за својата работа и секогаш сме отворени кон граѓаните и новинарите – порача претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Шефот на државата, Стево Пендаровски, рече дека дезинформациите се појавуваат на било кој канал за комуникација и веднаш стануваат актуелни во разговорите во нашите семејства, на работните места, училиштата, но најмногу во виртуелниот свет на социјалните мрежи.

– Иницијативи од овој тип преземаат, не само владите и државни институции, туку и големите медиумски куќи, технолошките гиганти и граѓанските организации, кои знаат дека борбата со дезинформации ја поттикнува медиумската писменост и безбедната употреба на интернетот, но исто така знаат преземање и на сериона општествена одговорност за нашата заедничка иднина. Благодарение на дигитализацијата и на технолошкиот развој денес живееме во ера каде со еден клик ни се достапни илјадници вести за најразлични теми и кога можеме да ги следиме случувањата и во најдалечните места на планетата во реално време. Меѓутоа, како консументи на огромниот број медиумски информации често немаме можност да правиме разлика дали тоа што пред нас е вест која ги следи новинарските стандарди и дали е проверена информација заснована на факти која му служи на јавниот интерес или пак е производ на пропаганда со цел да ја дезинформира јавноста. Во изминатите години го видовме потенцијалот на лажните вести, да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот. Лажните вести, полека, но сигурно, стануваат една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави заради нивниот капацитет да ја изобличуваат вистината и да ги поткопуваат вредностите на демократијата како политички систем – смета претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Претходно, премиерот Заев се пожали дека има многу лажни вести за Договорот од Преспа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот