Визуелната поетика на харизматичниот сликар Јордан Манасијески е претставена во обемна монографија

Промоција на монографијата на Јордан Манасијески во МАНУ

Капитално дело и сведоштво на фасцинантното творештво на охридскиот уметник Јордан Манасијески е монографијата што беше промовирана на 22 ноември во ликовната галерија на МАНУ во Скопје.

Автор на монографијата е ликовниот критичар Владимир Величковски, уредник е охридскиот галерист Љупчо Жупан, а издавач е Арт Фондација „Јордан Манасијески“. Поздравна реч на промоцијата одржа академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, а промотор на книгата беше проф. д-р Ивица Џепароски.

Јордан Манасијески својот живот и творештво ги посвети на Охрид, град со богата традиција, а дел од неа припаѓа на современата уметност. Активно слика од 1985, а излага од 1991 година. Претходно работел на графичкиот и обликовниот дизајн како вработен во охридска „Лихнида“. Најмногу време има посветено на сликање пејзажи со охридски мотиви, крајезерски, но и со староградска архитектура.

– Тој е дел од охридските пејзажисти. Живиот колорит и ослободениот потег кулминираа на платната насликани од 2001 година. Станува збор за преобразба и создавање имагинативни предели во кои доминира светлината и стремежот кон еден замислен чист свет – истакнува Владимир Величковски.

„Ние сме деца на сонцето, љубовта е вистината. Животот е света радост и дар што ги буди чувствата да стигнеме до изворот на светата вода и да се напиеме од Вечната Убавина на небесниот спектар и Големата Тајна“, со повеќеслојна симболика говори Јордан Манасијески за инспирациите во своето ликовно творештво.

– Да се пишува за сликарството на Јордан Манасијески не е едноставно ако не се познава неговото целокупно творештво, како и неговата индивидуалност, исполнета со харизма и духовна енергија. Неговата креативност, пред сѐ, се должи на неговата визија низ која искрено и несебично ни ја подарува исконската МИСЛА отелотворена во бојата на експресивниот потег. Јордан со својата „вокација“ твори уметнички дела преку раскошната обоена палета со богата мистична симболика, со таинствениот јазик на потсвеста. Тој ни ја открива неговата грижа за човековата душа и сопствениот идентитет – забележува Љупчо Жупан, сопственик на охридската галерија „Букефал“ и уредник на монографијата на Јордан Манасијески.

Се чини дека творештвото и визуелната поетика на Манасијески повеќе е препознаено во странство отколку од домашната ликовна јавност. Познатиот италијански куратор и критичар д-р Салваторе Русо е восхитен од сликите на Манасијески.

– Многу често си го поставувам прашањето кој е вистински уметнички критичар? Дојдов до заклучок дека само времето е вистински критичар на уметноста. Единствено времето може да ги определи губитниците и победниците. Во тој контекст, македонскиот уметник Јордан Манасијески заслужува да се издвои. Уметник што ги става бојата и знакот во центарот на својата визуелна анализа.

За разлика од неговите претходници соочени со неформалното сликарство, како што се Полок, Клајн, Матје, Тапиес, Сем Франсис, Јордан Манасијески има иновативен пристап – знае како да постави фигури во неформалната структура. Таинствени мистерии. Хамлетовски дилеми. Вербални парадокси, дијалог кој го надминува знакот. Вистинска бура на линии и боја – забележува Русо.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 206, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот