Вивисекција на вистинскиот „театарски“ живот на младите актерки и актери прави претставата „Младоста последна умира“

Актерско-авторска екипа на претставата „Младоста последна умира“ / Фотографија: Дарко Ристовски

Претставата „Младоста последна умира“ во продукција на „Пресврт“ е документарен проект, архива на разговори со актери која подлабоко ја истражува социо-политичката, економска и културна положба на младите луѓе од Република Северна Македонија, кои се близу да наполнат 30 години.

Како некоја бројка која означува почеток на нова декада истовремено оваа возраст означува исполнување на одредени очекувања во доменот на работата, личниот и фамилијарниот живот, како и осамостојувањето.

Премиерната изведба на претставата „Младоста последна умира“ се одржа на 12 декември во новиот простор „Лабораториум“. Актерската екипа составена од Ангела Стојановска, Јанка Лефкова, Лазар Христов и Никола Ристески ја истражува релацијата за тоа како културните политики влијаат врз нивниот кариерен развој и како тој го обликува нивниот приватен живот, а режијата е колективна.

Драматург на претставата е Ева Камчевска, а продуцент Петар Антевски. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Сцена од претставата „Младоста последна умира“ / Фотографија: Дарко Ристовски

– Овој проект зборува за нашето секојдневие, за нашата борба да ја преживееме младоста во Македониjа или надвор од неа. Стоејќи на прагот, да ја преминеме границата на дефиницијата „млади“, ова е извештај за преживеаното и наученото. Ги отвораме прашањата на кои често и немаме одговор. Ова е претстава за нашиот систем на вредности, за културата што никогаш не ја сведочиме и за уметноста што, можеби, никогаш нема да ја направиме – истакнуваат од „Пресврт“.

Во претставата актерите играат под своите лични имиња, костимите се дел од нивната лична облека, просторот во кој се игра претставата е минималистички опремен со најнеопходната сценографија и реквизита. Тоа што актерките и актерите го изнесуваат на сцената е силната желба да се работи тоа што го научиле на Факултетот за драмски уметности, односно тоа што најмногу сакаат да го работат, а тоа е театарот. Тие сакаат да живеат за театарот, но и да живеат од театарот, сакаат да имаат место каде што ќе припаѓаат, а не да бидат присилени да работат повеќе хонорарни работи, а театарот да им биде само место за изразување на огромниот младешки ентузијазам за театарската уметност.

Практично, претставата е вивисекција на животот на многу млади, талентирани и дипломирани актерки и актери кои поради застарениот театарски систем не успеваат да го најдат своето место во институционалниот театар и се принудени да се борат за остварување на своите потенцијали на независната театарска сцена, или да работат нешто сосема друго.

Актерската екипа на претставата „Младоста последна умира“ / Фотографија: Дарко Ристовски

Затоа е многу важна поддршката од публиката, а претставата „Младоста последна умира“ ја препорачуваме на сите искрени љубители на театарската уметност. На тој начин нема да дозволиме младоста да умре.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 209, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот