ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Дарија Андовска: Треба да ги наоружиме студентите со знаење за да им обезбедиме пласман и платформа и тука и надвор во светот

Дарија Андовска - декан на ФМУ / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Кога зборуваме за ширење и афирмирање на културата и уметноста надвор од границите на Македонија, неизбежно е да се потенцира нејзиното име и дело. Дарија Андовска е композиторка чии дела се свирени и наградувани на многу светски концертни сцени. Веќе година и половина е Декан на Факултетот за музичка уметност, и за тој временски период донесе многу конструктивни промени во функција на јакнење на програмата и отворање на нови можности за студентите на факултетот.

Иако е добитничка на многу домашни но и меѓународни награди, Дарија вели дека во Македонија повеќето ја познаваат како Дарија од Фејсбук, а таа од сите награди и признанија издвојува две кои и се омилени.

– Едното признание е „Истакнат уметник на град Цирих“, што е потврда за квалитет, затоа што јас не сум резидент на Цирих, но за тоа кратко верме сум оставила доволно голем печат за да бидам истакнат уметник на град Цирих, за разлика на пример од Скопје. Во Скопје и Македонија сум Дарија од Фејсбук. Другата награда е мојата прва награда „Виртуоз“, за најдобар композитор во Македонија и таа ми е особено драга затоа што беше во момент кога двајцата родители ми беа живи и ми е првото признание од Македонија. Ја посветив на мајка ми и татко ми, а мајка ми почина два месеци подоцна токму со зборовите: „Ќерка ми е виртуоз“- вели Дарија за своите омилени награди.

Последните речиси две години Дарија својата енергија и стручност ја вложува во ФМУ, а промените се навистина евидентни и носат конкретни бенефити за студентите и вработените на факултетот.

– Навистина има промени и се гледаат промените. Многу се инвестира во подобрување на условите за студентите, се разбира и за работниот кадар, но пред сѐ студентите, затоа што ние сме тука за нив. Се обидувам да ги направам тие работи кои мене ми недостигале во времето на студирање тука и работи кои сум ги осознала бидувајќи било каде надвор. Јас сум постојано низ Европа и светот, ги гледам работите како фукционираат и сакам колку што можам да ги пренесам тука, во смисла на инфрастуктура, организација и удобност за сите. Се трудиме да се поврземе интернационално и тоа сега за сега ни успева, да им овозможиме на студентите многу повеќе комуникација со светот надвор, бидејќи е многу важно надвор да се измерат силите. Потпишани се меморандуми за соработка со многу факултетии од регионот, па дури и од Европа, а работиме на тоа да донесеме и студенти од Европа кај нас, за да се подигне нивото на комуникација пред сѐ – вели Андовска.

– Не сите треба да зависиме од државата, воопшто не треба да зависиме од државата, туку да се покажат кои се можностите, како на пример, да си оформиш сопствен ансламбл, како да добиеш срдества, како да го менџираш тоа, како да живееш од сопствениот ансамбл. Тоа не значи дека задолжително сите треба да се врзани со државни институции, тие се луѓе кои сфатиле како функционира светот, ние мора малку да излеземе од тој „мајндсет“ кој постоел во времето на поранечна Југославија „фати си државна работа и терај си“. Ние треба да се екипираме, да се наоружиме со знаење, да си ги развиеме сите можни способности, за да си направиме себеси пласман и платформа и тука и надвор во светот – изјави Дарија.

Остатокот од разговорот со Дарија Андовска можете да го погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот