ВИДЕО+ФОТО: Диви депонии на најплодните површини во тетовско

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Разновиден комунален смет, но и градежен шут може да забележите кога поминувате низ тетовските рурални општини. Покрај самите патишта, долж речните корита.

Но, она што загрижува во последно време е што ваквите купишта смет може да се забележат и на самите земјоделски плодни површини.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Илија Антоски од тетовското село Жилче, вели дека има денови кога од ѓубриштата не може да влезе со својот трактор или комбајн на нива. Граѓаните несовесни, а властите не ги расчистуваат депониите.

„И со велосипед не можам да поминам тука за да стигнам до нивите. Гумите се кинат и од тракторите кога поминувам оти тука се фрла се и сешто, градежен шут, но и стакло, разни отпади има. Треба да влезем во туѓа нива за да влезам во мојата нива, катастрофа е работава, треба да има локација каде ќе се фрла ваков отпад“, вели Илија Антовски од тетовското село Жилче.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Ваквата слика во тетовско е со години. Се фрла смет на низините, но и во планините. Министерката за животна средина Каја Шукова, бара од граѓаните поредовно да ги плаќаат сметките за да можат комуналните претпријатија да ги расчистуваат депониите затоа што не може да има услуга, ако не се плаќаат сметките за комуналии.

„За жал во полошкиот регион нивото на наплата е ниско во однос на другите региони во државата. Граѓаните треба да плаќаат, а комуналните претпријатија да ги соберат средствата и да ги наменат за расчистување на депонииите. Нашето министерството одвојува средства за чистење на депониите особено на шарпланинскиот масив, но на истите локации повторно се создаваат нови. Потребна е поголема еколошка свест, но и инспекциски контроли и казни“, вели Министерката за животна средина Каја Шукова.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Општина Јегуновце е една од општините каде има на повеќе локации диви депониии. Од општината велат дека депониите ги создаваат самите граѓани, а општината во рамки на можностите ги расчистува.

Но, во Јегуновце каде депониите ја грдат оваа рурална општина нема инспектор за животна средина кој би можел да ги санкционира тие кои ја загадуваат средината.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

„Ние ќе продолжиме со расчистување на депонииите, но во моментов се соочуваме со проблем што Општина Јегуновце не е кадровски екипирана. За време на овој двегодишен мандат ние подготвивме систематизација. При крај е постапката. Еден колега треба да положи еден испит за да ги добие сите квалификации за инспектор кој би можел да контролира и казнува“, вели градоначалникот на Општина Јегуновце Димитар Костадиновски.

Во тетовските рурални општини се помалку се обработува земјоделската површина. Проблемите со кои се соочуваат земјоделците се многубројни. Немање пласман за производите, доцнење на субвенции, а последниве неколку години земјоделците мака мачат со купиштата смет, на кои наидуваат во нивните ниви.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот