ВИДЕО: Трипуновски обвини дека во Македонија се продава канцерогено млеко, од АХВ велат дека неосновано се шири паника

млеко
Фото: Пиксабеј

На 21 септември оваа година во Македонија е увезено преку 20 тони трајно млеко од Република Србија, со рок на важност до 3-ти февруари 2024 година и истото е пуштено во промет иако во млекото е детектирано афлатоксин М1 над максималното дозволено ниво, обвини Цветан Трипуновски од ВМРО- ДПМНЕ.

Тој на неговата фејсбук страница во видео изјава тврди дека млекото е штетно за пиење и може да предизвика труење и други компликации по здравјето на граѓаните.

„Николче Бабовски е тотално промашување за АХВ. Наместо целосна контрола при увоз на храна, АХВ под раководство на Бабовски свесно пушта во употреба производи со канцерогени материи.Афлатоксините кои се пронајдени во млекото се познати во светот како најважни микотоксини во храната и добиточната храна поради нивната хепатотоксичност и канцерогеност.Прашуваме, кој и зошто дозволил млекото во која е детектирано амфлатоксин М1 од Србија да биде пуштено во употреба во Република Македонија.Во која количина од увезеното млеко завршило на рафтовите и дали АХВ има постапено по добиените наоди од тестирањето?, вели Трупуновски.

Дополнително вели Трипуновски до нас пристигна и информација дека во сурово млеко во една од поголемите млекари во Македонија детектирано е ниво на афлатоксин М1 во млекото, кое ги надминува максималните нивоа дозволени согласно Правилникот за општите барања за безбедност на храната.

„АХВ и Бабовски да одговорат што е направено со таквото млеко и дали истото е веќе завршено на македонската трпеза како сурово млеко или е преработено во сирење, кој е препознатлив бренд на оваа млекара во Република Македонија?Апелираме до граѓаните на максимална претпазливост. Од АХВ свесно или несвесно се пушта храна со канцерогени материи кои што се штетни по здравјето на луѓето“, додава Трипуновски.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека Цветан Трипуновски неосновано шири паника и ги доведува граѓаните во заблуда со последната објавена вест дека на рафтовите во продавниците се пласирани над 20 тони трајно млеко по потекло од соседна Србија кај кое лабораториски е детектирано присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените концентрации.

Од АХВ на својата официјална страна апелираат граѓаните да бидат спокојни.

“Канцерогено” млеко со афлатоксин по потекло од Србија, како што тврди Трипуновски, на полиците во маркетите нема. Денес, со согласност на извозникот, од граница, тоа се враќа во Република Србија согласно законски дефинираните процедури. За да нема идни шпекулации и замајувања на јавноста, дека граѓаните во земјава пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот по јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, на сила е Решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година кое го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство. Со него се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко која се увезува во земјава, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина, велат од АХВ.

Мостри како што велат од АХВ се земаат на граничните премини.

„Оттаму, небулозно е денешното тврдење дека небезбедно млеко по потекло од соседна Србија завршило на рафтовите во продавниците. “Веста” на Трипуновски за афлатоксинот во сурово млеко по потекло од една од поголемите млекарници е стара неколку месеци, иако и со неа денес се обиде да манипулира. Ова млеко, во согласност со операторот, уште во април годинава нештетно е уништено и не стасано во прометот,“ додаваат од АХВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот