ВИДЕО: Шилегов ќе ги сели продавачите на книги на новиот мост, тие се противат

Соња Иванова веќе 40 години, секое утро во 8 часот ја отвора нејзината тезга со стари книги. Вели дека читањето е драстично променето во последните десетина години како последица на онлајн изданијата, но од секојдневната комуникација со љубителите на пишаниот збор, се уверува дека се уште има и такви кои сакаат книгата да ја држат во рака.

Тезгата на Соња е во срцето на Скопје, на плоштад Македонија, но многу наскоро би можела да биде преместена на пешачкиот мост на кој требаше да се гради панорамското тркало. Таква идеја има градоначалникот Петре Шилегов, кој има намера да отвори кафе книжарници во состав на тезгите за продажба на книги. Во разговор со него дознавме дека за околу седум дена пешачкиот мост ќе биде пуштен во употреба.

– Мостот беше пуштен, па пак затворен поради тоа што треба да добиеме технички прием. Таму ќе има затворени објекти за продажба на стари книги и планот е да ги дислоцираме продавачите од плоштадот и оние што продаваат во близина на Кејот на Вардар. Ќе направиме и кафе книжарници во кои ќе можат да уживаат сите генерации читатели, рече Шилегов за Слободен печат.

Идејата книжарниците да бидат на мост, Соња ја дозна од Слободен печат. Неа никој официјално од Градот не ја информирал дека ќе биде дислоцорана на нова локација. Таа со нас сподели дека е неприфатливо да бидат преместени на локација каде што температурата е пониска, ветровите се посилни а минувачите поретки, т.е неприфатлива на продавачите.

-Можеби градоначалникот е поттикнат од некои други земји каде што на таков начин се продаваат книги, но ова е Македонија. Кога ние сите би се собрале на едно место книгата ќе пропадне.Покрај тоа, локацијата не е среќна бидејќи книгата е чувствителна материја. Водата, ветерот, изолираноста од централното градско подрачје ќе направи смрт за книгата. Јас работам со стари книги кои бараат посебни услови. Кога би отишле таму да работиме книгите сигурно за еден месец ќе пропаднат. Ние и во централното градско подрачје не можеме да се справиме со силните ветришта, а покрај Вардар ќе биде страшно, вели Соња.

Трафиките за продажба на книги се веќе поставени на пешачкиот мост, каде што требаше да се гради Панорамското тркало

Таа нагласува дека книгата мора да биде поставена централно и фронтално, за да биде видена и да предизвика интерес.

-Книгата не смее да го менува местото, дури и кога идејата е да се привлечат помладите со кафе книжарници. Помладите се занимаваат со друг вид на литература. Тука има книги што веќе ги нема во книжарите ниту во издавачките куќи. За да купи некој книга треба специјално да дојде на мостот, а такви луѓе има многу малку.

Тезгата на Соња е богата со многу наслови од повеќе области. Таа работи на принцип консигнација, односно ги превзема книгите од читатели кои сакаат да ги продадат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот