ВИДЕО: Рускиот град Шебекино, на украинската граница, е целосно пуст – сите жители избегале

Шебекино, град во рускиот регион Белгород со околу 40.000 луѓе, на самата граница со Украина, е речиси целосно пуст, откако сите жители избегале по целонеделното интензивно гранатирање од украинската војска.
Украинските напади се случија по драматичниот вооружен упад од Украина пред две недели, и по нив илјадници цивили го напуштија рускиот град, бегајќи главно во регионалниот центар Белгород.
„Заминавме бидејќи (Шебекино) беше толку многу бомбардирано, што ни се скршија прозорците“, изјави жена од градот за агенцијата АФП.
Украинските медиуми објавија снимка од Шебекино, на која се гледа продавница за мобилни телефони, напуштена и ограбена.
Киев не признава дека неговата војска го гранатира градот и тврди дека во Шебекино војуваат локални, руски герилци кои се борат против режимот на Владимир Путин. Деновиве беа објавени и видеа со снимки од борбите во рускиот град.
Пензионерката Антонина Заникина, која е меѓу бегалците од Шебекино, вели дека на нејзин 30-годишен сосед морале да му ја ампутираат раката откако бил ранет во гранатирањето.
„Многу куќи се уништени“, вели таа, додавајќи дека Шебекино и претходно било цел на бројни напади, но тие никогаш не биле олку интензивни.
И покрај тоа што локалните власти најавија евакуација на целиот регион околу градот, АФП пишува дека се чини оти Москва ја минимизира ситуацијата во пограничните региони, кои беа под силни напади цела недела.
Градоначалникот на Белгород, Валентин Демидов, во петокот изјави дека околу 5.000 луѓе кои избегале од пограничните села се регистрирани кај градските власти, а неколку стотици се во привремени станови.