ВИДЕО | Револтиран граѓанин влета на протестот на младите лекари: Како да имаме доктори, од бандитите?

Протестот на младите специјализанти кои се вработени во Клинички центар денеска беше прекинат кога револтиран граѓанин кој поминуваше пред Министерството за здравство им изрази поддршка со краток говор.

-Златни дечиња! И после ќе немало доктори? Како ќе има доктори кога бандитите украдоа се?, извика тој и продолжи по патот на велосипедот.

Околу 400 приватни специјализанти кои работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ денеска одржаа протест пред Министерството за здравство. Нивната состојба е незавидна. Земаат 26 илјади денари хонорар, немаат здравствено осигурување и се лекуваат приватно, иако самите се дел од државниот здравствен систем и лекуваат пациенти. Дополнително, посочија дека проблемот не е во тоа што нема едуциран и квалификуван кадар во државата, туку е во тоа што тој кадар нема партиски врски неопходни за вработување.

Протест на приватни специјализанти / Фото „Слободен печат“

Доктор Александра Георгиева, претседателка на Здружението на приватни специјализанти, ги критикуваше коментарите што ги упатуваат некои нејзини повозрасни колеги дека „приватните специјализанти го имаат удобството да ја бираат својата специјализација и поради тоа условно речено заслужуваат да се наоѓаат во состојбата во која се“.

-Не е воопшто така. Приватните специјализанти не се приватни специјализанти по избор. Тоа се млади луѓе, со високи просеци на Медицинскиот факултет кои никогаш не добиле шанса да бидат вработени и покрај тоа што многукратно конкурирале. Приватен специјализант е специјализант кој има неповолен социјален статус бидејќи нема соодветни врски, поентираше таа.

Протест на приватни специјализанти / Фото „Слободен печат“

Има и специјализанти што за да преживеат, работат и дополнителна работа, односно доставуваат храна.

-Имаме колега што работи во платформа за достава на храна.  Егзистенцијата е на прво место. Ние ја сакаме нашата работа и сакаме да им помагаме на луѓето. Но тоа што сакаме јавноста да разбере, е дека и ние сме луѓе кои имаат свој приватен живот, свои желби и идеи. Нормално дека егзистенцијата и преживувањето се најважниот сегмент за нас, изјави доктор Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти. 

Протест на приватни специјализанти пред Министерството за здравство / Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

Приватните специјализанти повеќе пати побарале да се сретнат со министерот за здравство доктор Илир Демири, но како што посочија, не биле удостоени со средба. Доколку Демири не ги прими, истакнаа дека се почето ќе има реприза од денешниот протест.

-Барањата се итно да се покачи платата на приватните специјализанти до просечната плата која моментално изнесува 38.500 денари. Дополнително, бараме бесплатно здравствено осигурување, навремено исплаќање на ноќните дежурства секој месец. Бараме вработување на сите колеги согласно потребите на болниците ширум земјата, а не да работиме со договори на дело. Ако министерот пак остане глув на барањата на повеќе од 400 лекари на приватна специјализација, во иднина ќе гледаме честа реприза на денешниот протест. На крајот ќе завршам со зборовите на една легенда во музиката кој за жал неодамна почина: „Борбата за нормалност е нужна борба и мора да се бориме за нормалноста до секој последен милиметар“, додаде доктор Георгиева. 

За време на ковид пандемијата поранешниот министер за здравство Венко Филипче воведе здравствено осигурување за приватните специјализанти. Тој беше заслужен што првпат приватните специјализанти почнаа да добиваат надоместок за својата работа. Но, неговите наследници го укинаа здравственото осигурување за приватните специјализанти без никакво образложение.

Протест на приватни специјализанти / Фото „Слободен печат“

-Тоа значи дека ако некој колега има здравствен проблем, ќе треба да се лекува приватно, иако самиот тој пружа услуги во државното здравство. Ако колешка од Гинекологија остане бремена, нема да може да се прегледува бесплатно на Клиниката во која што работи. Трошоците за да специјализираме приватно се од 12 до 14 илјади евра и тоа, само трошоците што се исплаќаат на Деканатот на Медицинскиот факултет Скопје. Дополнително има и трошоци за живот. Така што, кога зборуваме за платата што ја имаме од 26 илјади денари и ја одземеме ратата што приватниот специјализант ја плаќа за школувањето, тогаш нему месечно му преостануваат 12 илјади денари за да преживее, истакна Георгиева.

Протест на приватни специјализанти / Фото „Слободен печат“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот