ВИДЕО: Оркански ветер корне дрвја и бандери во Бугарија, во Враца децата не одат на училиште

Фото: ТВ Враца / Јутјуб/принтскрин

Ветер со налети чија брзина надминувала 130 километри на час денеска го погоди бугарскиот град Враца и околината, корнејќи дрвја и уништувајќи покриви од згради, јави „БГНес“.

Една од главните улици во градот е затворена за сообраќај поради паднат покрив од голема зграда. При падот на конструкцијата, контактната мрежа на градскиот превоз била прекината. На улицата во моментот немало ни возила, ни луѓе, што е вистинска среќа, велат очевидците.

Орканскиот ветер урна и неколку далноводи, а струја немаат четири села од околината, како и делови од градот.

„Во нашата општина има села без струја, има многу искршени далноводи. По завршувањето на невремето, се надевам дека денеска ќе завршам со описот на штетите, по што ќе аплицираме за финансирање на дел од штетите“, рече кметот на општина Враца, Калин Каменов.

Од општината апелираат граѓаните да останат дома поради опасност од паѓање на предмети од зградите и куќите. Наставата во градот е прекината, а учениците се во своите домови.

Силен ветер има и во повеќе други региони на Бугарија – во Софија, Ловеч, Габрово, Велико Трново, Хасково и Карџали важат предупредувања од втор степен и се очекува брзината на ветерот да достигне 90-100 км/ч.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот