ВИДЕО | „Не знам како се извлеков од под неа“, 61-годишниот Цане Србиновски го раскажа нападот од мечка

Фото: ЦУК

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов го посети повредениот 61-годишен Цане Србиновски, жител на село Дреновци во Општина Долнени, кој во неделата беше нападнат од мечка на планината Мукос, на месноста „Сеча“, во поширокиот атар на селото Оморани на територија на Општина Чашка, соопшти ЦУК.

Србиновски два дена по нападот бил пронајден од семејството и од местото каде што ги чувал кравите и каде што престојувал, бил пренесен во болница во Велес, од каде што по укажаната медицинска помош и давање соодветни медикаменти, бил пуштен на домашно лекување.

Во разговорот со Ангелов, Србиновски детално раскажа како го нападнала мечката, како се чувствувал и какви повреди добил.

„На сам ден Благовец, вечерта ги терав говедата кон трлото и кога тие одминаа јас со малите телиња одев одзади и подвикнував по нив. Потоа одеднаш излезе пред мене мечката и ме фати за левата нога и јас паднав на грб. Преку чизмите што ги носев ме фати за ногата. Не знам како се извлеков од под неа и со десната нога ја удрив по муцката и ми ја пушти ногата. Но, веднаш ме фати пак за левата нога, а со шепата ме фати за десната нога и имам мала рана. Тогаш и со левата нога успеав да ја удрам. Едно време сакаше за стомак да ме фати и Господ ми даде сила, не знам како, ја грабнав за уши. Ја држев така, не знам колку време, можеби пола саат да беше, не знам точно. Се уплашив и така ја држам, ја држам и Господ ми даде некоја сила не знам како и ја турнав со рацете. Кога ја турнав така, одма станав и заминав до колибата и тогаш нозете ми се здрвија“, раскажува тој.

Србиновски при нападот од мечката успеал инстиктивно, по неговото соборување на земја, со нозете да се одбрани, а го бранеле и неговите две помали кучиња. Притоа, се здобил само со повреди, а ситуацијата била сериозна, бидејќи мечката при повеќекратниот напад се обидувала да го зграпчи и да го касне на стомакот, што можело да биде фатално.

– По нападот, Србиновски се вратил назад во неговата колиба, заедно со стадото крави, но таму поради изнемоштеност, изгубил и најверојатно заради претрпениот шок, не се јавило веднаш за помош, при што поминал цело едно деноноќие, информирале блиските на Србиновски за ЦУК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот