ВИДЕО | Медицинско чудо: Жена од Уганда на 70 години роди близнаци

Фото: Pexels / fusz photography

Сафина Намукваја од Уганда, на 70 години стана најстарата жена во Африка која се породила. Локалната болница објави дека по третманот со ин-витро, таа родила здрави близнаци, пишува „Би-би-си“.

„Прославувајќи ја нашата 20-годишнина, го постигнавме извонредното – родивме близнаци на најстарата мајка во Африка на возраст од 70 години!“, соопштија од болницата.

Како што пренесуваат медиумите, жената се породила со момче и девојче со царски рез, во центарот за плодност во главниот град Кампала. Близнаците тежеле по 2 килограми, а се породила во 34-та недела.

Фото: Instagram / BBC

„Оваа приказна не е само за медицински успех; се работи за силата и издржливоста на човечкиот дух“, додаваат од болницата.

Сафина за медиумите во Уганда изјави дека ова е нејзино второ породување за три години, по раѓањето на својата ќерка во 2020 година.

Таа го опиша раѓањето како „чудо“ и се присети на тешкотиите за време на бременоста. Сафина раскажа дека таткото на децата ја напуштил непосредно пред нивното раѓање.

Тврди дека мажите се плашат да станат татковци на близнаци и дека нејзиниот сопруг никогаш не се појавил во болницата каде што била примена.

Инаку, Сафина живее во селото Масака, околу 120 километри западно од главниот град. Таа немала деца со нејзиниот прв сопруг, кој починал во 1992 година, и поради тоа била етикетирана како „проколната“. Вториот сопруг го запознала во 1996 година.

Не е објавено дали бременоста е постигната преку донирана јајце клетка или Сафина ги замрзнала сопствените јајце клетки додека била во репродуктивна возраст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот