ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Јакшиќ: Договореното во Охрид е валидно иако нема потпис, ќе има казни за Србија и Косово ако не го спроведат

Бошко Јакшиќ/Фото: Слободен печат

Пет дена по маратонските преговори во Охрид и постигнувањето на устен договор, српскиот претседател Александар Вучиќ мака мачи да покаже дека ништо не потпишал и нема обврска да го спроведува Анексот за имплементација постигнат со косовскиот премиер Албин Курти, со посредство на Европската Унија. Досега доби јасни сигнали и од Брисел и од Вашингтон дека Охридскиот договор го прифатил и мора да ги спроведува одредбите.

-Се прави конфузија која во суштина не постои. Според сите толкувања на експерти за меѓународно право и разните Виенски конвенции усмениот збор на претседателот, премиерот и понекогаш на шефот на дипломатијата е исто толку обврзувачка за земјата колку и потпишаниот документ. Бидејќи и претседател Вучил и премиерот Курти и во Брисел и во Охрид се согласија, во Брисел со широкиот план на ЕУ, во Охрид со Анексот кој прецизно говори за имплементација на договорот, бидејќи таа усмена согласност постои, сето тоа е важечко и правно обврзувачко и тоа сите јасно го знаат, вели српскиот новинар и колумнист на „Слободен печат“ Бошко Јакшиќ во анализата во емисијата „Утрински печат“.

Според Јакшиќ конфузијата што се создава е поради притисокот врз претседателот Вучиж од страна на опозицијата која го обвинува дека го предал Косово и дека капитулирал.

-Тоа што нема потпис, со ништо не ги менува работите, она што е договорено е договорено и од тоа нема отстапувања. Во крајна линија она што ми се чини добро со овој договор е што тој предвидува и казнени мерки. Оној кој нема да го спроведува договорот на начин на кој се очекува ќе биде санкциониран. Оној кој ќе го спроведува ќе биде награден со забрзување на процесот на евроинтеграции. И новина е што за разлика од претходниот период Србија и Косово да се надгледуваат одвоено. Според тоа секој може да одбере со која ефикасност ќе работи и во таа мерка ќе оди побрзо кон ЕУ. Значи не постои повеќе никаков пакет аранжман каков што досега постоеше, вели Јакшиќ.

Во Охридскиот договор нема ништо што е лесно или безболно да го спроведат двете земји.

-Според предвиденото прва работа која треба да почне со имплементацијата е Заедницата на српски општини (ЗСО). Се работи за 4 општини на северот на Косово во кои мнозинство се Срби и шест општини јужно  од реката Ибар каде исто така Србите се мнозинство. И тоа до неодамна беше црвена линија на премиерот Курти кој одбиваше да го спроведе тој план кој е договорен уште со договорот од Брисел пред точно 10 години. За него тоа е многу болна работа, меѓутоа меѓународните преговарачи бараат од Приштина веднаш да тргнат со реализација на ЗСО и спроед тоа нема повеќе маневарски простор и уште помалку  време да се решаваат работите. Јасна е една работа, дека на меѓународните посредници од Западот многу повеќе им се брза отколку што им се брза на директните актери на ова преговарање кои досега покажаа дека поради лични политички цели често се подготвени да одолговлекуваат, да предизвикуваат инциденти и фактички да го поддржуваат статус квото. Тоа време помина, и затоа се зборува за една историска шанса Западен Балкан да се ослободи од својот најголем проблем, вели Јакшиќ.

Вчера косовскиот премиер Албин Курти на Твитер напиша дека српскиот претседател „ја одбил неговата великодушна понуда за самоуправата на косовските Срби“, преку моделот на Заедницата што тој би ја составил и предложил и запраша „Дали е тој д-р Но или Господин Њет? Па знаеме дека тој не е доктор, напиша Курти.

-Се` уште прецизно не се знае по кој модел ќе се прават ЗСО. Постојат 15 модели во Европа со кои се решаваат самоуправите на малцинствата, акој ќе се одобри, допрва ќе се види кога ќе се отвори таа техничка фаза од преговарањето за ова прашање. Рамковно е договорено, она што може да се каже е дека е отстапка за Белград зошто не се прифатени барањата на премиерот Курти дека таа Заедница мора да биде ускладена со косовскиот устав и со законот кој е изгласан во Приштина. Значи сето тоа е отфрлено и фактички прифатена е онаа состојба што ја побара претседателот Вучиќ. Сега тој притисок повеќе е насочен кон Приштина, а помалку кон Белград. Белград ќе дојде на дневен ред по некои други прашања од европскиот план, а тоа е членот 4 кој предвидува дека Србија нема да го спречува членството на Косово во меѓународните организации, меѓу кои и ОН,   објаснува Јакшиќ.

Вучиќ и натаму тврди дека се држи до своите две црвени линии дека нема да има обострано признавање меѓу Србија и косово што и никој не го бара, а втората е дека нема да дозволи столче за Косово во Обединетите Нации што пак е предвидено со договорот па и тука има исто така конфузија и контрадикторност, за што мислам дека е само охрабрување на Вучиќ за внатрешна упореба за да ги замолкне тие гласови на протест кои доаѓаат од разни страни во Србија, пред се од страна на антиевропски, проруската и националистичката деснциа,  вели Јакшиќ.

Целиот разговор со новинарот Бошко Јакшиќ погледнете го во видеото:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот