ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Ѓурчески: Амнестијата не го решава проблемот со пренатрупаноста во затворите туку судовите со алтернативни санкции

Љубомир Ѓурчески, криминолог/Фото: Слободен печат

Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2023 година повторно нотира дека условите во најголемиот затвор, КПУ Идризово остануваат нехумани поради пренатрупаноста, владее корупцијата, а не е постигнат ниту напредок во усвојувањето на измените на законската рамка за алтернативни казни. Пробацискиот систем е во развој. Пред пратениците по скратена постапка не помина ниту Законот за амнестија кој го предложи министерот Кренар Лога, со кој требаше целосно да се ослободат од затвор осудените лица на затворска казна до 6 месеци, а на останатите осудениците да им се намалат казните. Против законот за амнестија освен пратениците веќе се изјаснија и професорите по право, како и стручната и научна фела.

-Како човек кој го следи организираниот криминал, кривичното право, не сум за носење на закон за амнестија затоа што честото носење на закони за амнестија создава една ситуација на правна несигурност и оттука сум за тоа дека судот треба да ги има сите права по однос на извршување на санкциите, односно таму има дирекција за извршување на санкции. Најголем дел од стручната и научната фела се сложија, меѓу кои беше и академик Владо Камбовсски дека најдоброто решение е условен отпуст кадешто судот при прибрани мислења од Управата за извршување санкции, од затворот итн ќе оцени за кое лице и за кое кривично дело и таму може да настапуваме и селективно додека кај амнестијата не можеме да настапуваме селективно, таа е општа и еднаква за сите, затоа сум против носење на закон за амнестија, вели криминологот Љубомир Ѓурчевски во интервјуто за емисијата „Слободен печат“.

Тој и претходно за „Слободен печат“ се изјасни против амнестија и прв предложи условен отпуст за сторителите на полесни кривични дела.

-Најдоброто решение е останување на топката во рацете на судот и условниот отпуст по издржување на 60 проценти од изречената казна за оние кривични дела за кои судот ќе оцени дека кај лицето е постигнат ефектот од казнување односно дека е постигната превенцијата, дека тоа лице е ресоцијализирано и дека тоа лице може уредно да се вклопи во нормалиот живот и затоа викаме условен отпуст, бидејќи во себе содржи нешто што се вика услов – доколку тоа лице стори ново кривично дело дека таа казна ќе му биде засметана во издржувањето на тој дел, додава Ѓурчески.

Според него постојат неколку системски проблеми кои непотребно ги полнат затворите и кои можат да се решат со парични казни кои ќе бидат наплатливи, а од друга страна се создава систем на неказнивост кој, вели, ни се враќа како бумеранг во сите области.

-Треба да имаме една јасна и чиста статистика, не статистика за политички цели туку колку од 2.800-те лица коишто чекаат за извршување на казна одговарале за полесни форми на криминал или за прекршоци, затоа што јас на времето бев поборник за извршување на прекршочни казни кои ќе бидат наплатливи. Нашите прекршочни казни не се наплатливи затоа што се енормно високи, социјалниот статус на сите вработени и просечната плата е несоодветна на изречената казна од 500 од 1000 евра итн, кај физичките лица. Јас сум поборник за наплатлива казна не поголема од 2000 денари, кадешто сторителот на прекршокот нема да се пазари со полициските службеници на лице место да плати рушвет, што ја зголемува на друга страна онаа ситна корупција, туку ќе биде спремен да си плати 2000 денари за прекршокот. Тоа е она што го викаме наплатливост на прекршочните казни, а друго е прашањето за тешки форми на прекршоци како што се физичките напади и тепачките кадешто имаме изречена казна над 30 дена затвор. Таму имаме стриктна затворска казна и затоа нас ни се пренатрупуваат затворите особено во Шуто Оризари каде се извршуваат казни до 6 месеци и имаме пренатрупаност, вели Ѓурчески.

Тој нагласува дека во пренатрупаните затвори се случуваат многу негативни појави, царува организиран криминал и криминалните групи, дрога и други недозволени дејства, што се потврдува со секој претрес во затворите.

-Се притврдува тезата дека високиот степен на корупција особено во тие институции, казнено поправните институции, на сите нивоа доведува до таа состојба сторителите на кривичните дела кои се наоѓаат на издржување на казна да бидат едноставно главни во тие институции и да наметнуваат темпо на живот, односно да го организираат животот во тие институции. Кај високата корупција треба да ја бараме спрегата помеѓу организираните криминални групи и политичките партии. Ова го зборувам од фактот дека тие организирани криминални групи ги вршат сите валкани работи за интерес на политичарите зошто кај нас испаѓа дека политичарот во основа доаѓа на таа позиција за да се збогати и ние изгледа имаме најголеми богаташи во делот на политичарите, наместо во делот на бизнисмените што за мене е несфатливо, нагласува Ѓурчески, додавајќи дека кај нас политиката е направена вносен бизнис наместо да биде во служба на граѓаните.

Ѓурчески се залага за зголемување на капацитетот на Државниот ревизор, почести ревизии во затворите за да нема злоупотреби во јавните набавки, да тече тековното одржување за да не се руинираат казнените институции до степен под секое човечко достоинство. Во последните три години изостанува и реновирање на затворите како и изградба на нови капацитети. Во мандатот на оваа актуелната власт во 2020 е комплетно реновиран само затворот во Битола и пуштен е во употреба воспитно поправниот дом Тетово, а во 2018 година се изградени два нови објекти во КПУ Идризово за сместување на околу 540 лица, што сепак не е доволно зошто листата на тие што чекаат легло во затворите е предолга.

-Тековното одржување е најбитниот елемент за да не дојдеме до таа состојба на целосна руинираност. Имавме еден систем на изградба на објекти со преголем број на легла во една просторија коешто пак овозможува групирање на криминалните групи внатре во самата институција и полека по системот на корупција и тие да преовладуваат со тие затвори. Оттука во Министерството за правда за да не ги добиваме овие негативни оценки ние треба малку посериозно, посеоризен буџет да одвоиме точно во оваа насока за пособрување на условите за издржување на санкции и зголемување на капацитетите за казнетите лица затоа што имаме многу голем број на лица коишто чекаат на извршување на санкции. 2800 лица чекаат, вели Ѓурчески.

-Додека ја злоупотребуваме статистика не можеме да направиме добра програма за ресоцијализација, добра програма за воспитување, зошто имаме структура на сторители кои се внатре во затворите и кои немаат ниту основно образование, а не го добиваат ниту во затворите ниту во поправните домови. Државата треба да им понуди работно ангажирање по излегувањето од затвор но тука немаме соодветни социјални програми, вели Ѓурчески за „Слободен печат“.

Целото интервју со д-р Љубомир Ѓурчески погледнете го во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот