ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Д-р Емил Крстески: Државен архив е нашиот трезор на архивското богатство

Емил Крстевски - директор на Државен архив / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Државниот архив е еден од столбовите на нашиот идентитет и каде што се чуваат историски документи и други материјали што се дел од нашата историја, култура и традиција. Пред две години Државен архив ја одбележа 70 годишнината од своето формирање што покажува дека архивската граѓа е заштитувана во еден долг временски период. Државен архив има соработка со сите институции во државата со цел да ги чува произведените материјали од нивна страна, а особено значајна соработка остварува со Институтот за национална историја.

-Оваа институција располага со научен и стручен кадар што ги анализира материјалите што Државен архив ги обезбедува, и заштитува. Ние сме трезорот на богатството, а другите институции се повикани и задолжени ова богатство да го преточат преку анализа во дела со кои се објаснува нашето минато и традиција. Ова го истакна д-р Емил Крстески, директор на Државен архив на Република Северна Македонија во емисијата Утрински печат на Слободна ТВ.

Македонија во целиот период, откако е формиран Државен архив има професионален пристап спрема сопствената архивска граѓа која се чува во посебни простоприи за таа намена, според Крстески.

-Државен архив испраќа истражувачи во земјите од Европа со цел да ги истражуваат нивните архиви и да пронајдат документи од значење за Македонија, а потоа тие документи Архивот ги печати како сопствено издание. Во просек печатиме 8 книги, како и списанието Македонски архивист кое го печатиме два пати годишно и има меѓународна репутација, рече Крстески.

Без соработка со сродни институции во регионот собирањето и зачувувањето на архивската граѓа би било многу напорен процес и затоа директорот Крстески истакнува дека овие релации се негуваат во интерес на државите и на народите.

-Како директор на Државен архив се заложив за формирање посебно одделение за Отоманскиот период, пред се поради оцената дека тоа е многу долг и важен историски период за Македонија. Во овој поглед од особена важност беше мојата определба дека е потребно формирање и развој на Е- сектор што ќе продонесе за квалитетно работење на Архивот. Како трета поголема работа беше дигитализацијата на сите документи за што особено сме им благодарни на колегите од Истанбул, Република Турција кои од нивниот Архив целосно ја поддржа оваа наша активност. Во Македонија се чуваат документи значајни за нашата историја, создадени во други држави, како што се Србија, Австрија, Италија, Франција и Русија, нагласува д-р Крстески.

-Државен архив е рамноправна членка во Меѓународен архивски совет што е светска организација за архивското организирање и истовемено има потпишано меѓународни договори за соработка со повеќе од 25 држави. Со овие држави, кои некои се од регионот, Државен архив оставарува соработка од заемен интерес. Како одговор на нападите од одредени личности врз идентитетот на македонскиот народ од Бугарија, можам да потенцирам дека имаме коректни односи и успешна соработка со колегите од Архивот во Софија. Една од активностите што заеднички ја реализиравме беше организација на изложба насловена Стара балканска фотографија, која во јуни во минатата година беше отворена во Скопје, а потоа и во Софија. Оваа исложба ќе биде дополнета со други фотографии за кои заинтересираност пројавија Србија и Албанија и која ќе биде отворена во април годинава во Ниш.

Државен архив освен што е надлежен за чување на архивската граѓа од значење на државта ги чува и другите документи што имаат значење за граѓаните.

-Граѓаните можаат во секое време да се јават во Државен Архив со цел да им биде овозможено да направат увид во одредени документација за која се лично засегнати, како што се документи поврзани со имот или регистрирање на работен стаж во компаниите- истакна Крстески.

Целиот разговор со д-р Емил Крстески, директор на Државен архив на Република Северна Македонија погледнете го тука:

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот