ВИДЕО | Интернет „продавници“ навлегуваат во сивата економија и ја заобиколуваат државата

Марија Лончар, Организација на потрошувачи / Утрински брифинг

Воведувањето на вонредната состојба, ограничувањето на движењето, затворањето на одредени продавници и потребата од самоизолација придонесоа да се сменат навиките на потрошувачите во земјава и да се ориентираат кон онлајн купување.

На онлајн пазарот во земјава се појавија голем број интернет продавници каде се нуди се и сешто – од техника, до гардероба, а во некои случаи и разни производи за подобрување на здравјето.

И додека некои чесно си го заработуваат лебот, но и согласно законските регулативи, други се обидоа да ја заобиколат државата навлегувајќи во сивата економија, го искористија моментот и ја злоупотребија ситуацијата продавајќи разни брендови по неверојатно ниски цени.

Но дали навистина го продаваат тоа што го нудат на своите каталози и дали нарачаната роба стигнува до крајниот корисник. Бројни се реакциите на измамени граѓани кои велат дека производот што го добиле бил расипан, не соодветствувал на нарачката, а кога се обиделе да го заменат или вратат наишле на затворени врати. Во немоќ да се изборат за своите права своите случки ги споделуваат на социјалните мрежи и зборуваат за своето искуство.

На оваа тема во Утрински брифинг разговаравме со претседателката на Организацијата на потрошувачи Маријана Лончар и со Директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска Димоска.

-Имаме многу пријави од граѓани што се измамени од онлајн продажба, но само преку Фејсбук, а не преку легални продавници. Немаат фискална сметка, производите им ги носи брза пошта, не постои бројот што е оставен за контакт и не можат да го вратат неисправниот производ. Ние пријавуваме во ДПИ и МВР во Одделот за кибер криминал, вели Лончар.

Има ли регулација во земјава за тој тип на продажба во земјата?

-Треба да се контролира мрежата и комуникацијата на граѓаните, но тоа е неумесно. Може само да препорачаме да внимаваат граѓаните кај кого купуваат, да ги проверат критиките на Фејсбук. Треба и некоја платформа да се направи ако станува збор за занаетчиски производи, нешто како Алиекспрес, Ибеј. Тогаш важат правилата, имате рок од 14 дена да го вратите производот ако сте незадоволни. А на Фејсбук е и небезбедно, на пример да речеме ако се купуваат лекови или козметика. Порталите не се контролираат и тоа е некој вид делумна онлајн продажба, вели Лочар.

Анета Симеска Димоска, Државен пазарен инспекторат / Утрински брифинг

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека имаат ограничени можности за постапување затоа што најчесто станува збор за диви, нерегистрирани продавачи.

-Во текот на 2020 година по електронски пат имаме осумдесетина пријави, но годинава до моментов имаме над 120 пријави. Имаме и директни пријави до одделенијата на ДПИ низ градовите во Македонија. По пријавите од Организацијата на потрошувачи или граѓаните ние постапуваме според Законот за трговија и законот за заштита на потрошувачите. Но сме ограничено во постапувањето. Во одредени случаи не можеме да помогнеме, оти во најголем број случаи не се приложува фискална сметка. Без тоа и без гарантен лист не можеме да постапиме, вели Симеска Димоска.

-Ако има електронско плаќање, може да се постапи оти трговецот така е должен да достави и фактура до купувачот. Но најчесто се купува во готово, додава таа.

Целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот