ВИДЕО | Душан Стефановски: Не знам што би правел кога не би сликал

Душан Стефановски / Фото: Инстаграм/Душан Стефановски

Кој е Душан Стефановски?

Неговата уметност варира во различни стилски изрази и техники. Од улични графити, спрејови, аналогна фотографија, темни улици, индустриски алати, панк-музика, па дури до ексцентрични розови поп-колорити и женски актови.

Од рана возраст пораснал со боички, а неговиот талент бил препознаен и негуван од страна на родителите. Очекувано било дека еден ден ќе се запише на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.

Стефановски сега е дипломиран графичар.

Уникатен запис и естетска вредност 

Секојдневието на 26-годишниот Душан се одвива во неговото студио, во срцето на неговиот дом, каде се чувствува најбезбедно и најопуштено. Неговото студио е исполнето со слики, дрвени материјали, различни алатки кои не се стандардизираат со класичните медиуми на сликарството. Во нив и со нив ги нафрла сите моменти на неговиот духовен чин. Така што, неговиот стил би го нарекла, микс-медиа.

„Не користам четки, ниту акрилни бои, ниту маслени бои, ниту пак, платно. Всушност, јас создавам на дрвени даски, лесонит, кој ми дава уникатна можност за уникатни текстури, материјал и уникатен начин на третирање на  медиумот“, вели Душан за „Утрински печат“.

Линијата помеѓу неговото креирање и „деструктивноста“ е многу тенка. Неговите дела го отсликуваат неговиот емотивен дух кон „деструктивниот процес“. Терминот „деструктивна уметност“ се однесува на широкиот спектар на хетерогени манифестации низ уметноста во сите медиуми која ги идентификува деструктивните сили во општеството и природата; се залага за уметност која користи деструктивни процеси во служба на конструктивни, иновативни, естетски цели; и често претставува уметност посветена на културна, социјална, емоцијонална и политичка критика и промена.

На прашањето дали е „деструктивен“, без да трепне, одговарa:

„Апсолутно да!  Особено кон себе. Како секој уметник. Како и многу уметници. Голема тежина на себе е да си креативен човек, бидејќи да си креативен човек, си многу нежен човек и многу осетлив човек…“

Неговиот став за естетика е дека „уметноста не треба да е прецизна“, независно за кој медиум зборуваме. Душан вели дека уметноста не треба да има пост-продукција и шминка. Нетипично за балканската естетика и македонската публика. Тој смета дека неговата творба не е потполно сфатена од нашата публика, односно, дека има одредена публика која го следи овој медиум.

„Уметноста во Македонија е застарена, мислам дека стандардот за квалитетна апстрактна уметност е истата, уште од времето на социјализмот“, вели Стефановски.

Првата самостојна изложба на Душан се случи во екот на пандемијата. Изложбата со назив „Потиснат потенцијал“ е експлозија на бои, а воедно беше негово деби, по неговото дипломирање.

Според Душан, неговата прва самостојна изложба била неговиот вистински печат кон оформување на неговиот стил.

Неговата втора реализирана самостојна изложба со назив „I Am Really Confused“ („Навистина сум збунет“), се состои од колекција на монохромни графики и слики кои се поголем предизвик за Душан по долго играње со бои.

Воедно, монументалниот момент на Душан Стефановски е издавањето на неговата прва уметничка книга „I Would Rather Die Than Be Uncomfortable“ („Подобро би умрел отколку да се чуствувам неудобно“), компилација на сите уметнички дела на Душан.

Неговиот последен реализиран проект беше во склоп на „Фешн викенд“ во Скопје, во соработка со македонската дизајнерка Теодора Митровска. Преку нејзините модни креации и четката на Душан, дуото создаде доста уникатен перформанс кој ги прекрши границите на класичните гледања на модата.

Душан во моментов работи на својата трета самостојна изложба, која планира да ја реализира наскоро.

Погледнете го целиот разговор со Душан Стефановски:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот