ВИДЕО | Андоновиќ: Црна Гора пред политичка пресвртница, Ѓукановиќ пред политичка пензија?

Досегашниот претседател и кандидат на ДПС, Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ, кандидат на Движењето „Европа сега“, ќе се тркаат за претседателската функција во Црна Гора во вториот изборен круг закажан за 2 април.

Во првиот изборен круг, долгогодишниот црногорски лидер Ѓукановиќ освои 35,3 отсто од гласовите, а Јаков Милатовиќ 28,9 отсто. Многумина ги разочара Андрија Мандиќ од Демократски фронт, кој освои 19 отсто од гласовите и не влезе во втората рунда од претседателската трка.

Овој исход од изборите ги подгреа предвидувањата и шпекулациите дека на 2 април годинава е можно Ѓукановиќ да ги загуби изборите и да замине во политичка пензија.

Имено, за Ѓукановиќ и неговиот изборен штаб, најпосакуван противник во вториот круг од изборите беше токму Мандиќ. При таква евентуална трка Ѓукановиќ ќе можеше да ги мобилизира сите Црнгорци и оние кои се прозападно ориентирани. Мандиќ се декларира како Србин и заедно со неговата партија „Народен Фронт“се залагаше Црна Гора да се здружи со Србија и со словенска Русија. Мандиќ ј беше обвинет и дека е дел од обидот за државен удар организиран од Русија во 2016 година, што сигурно ќе беше искористено за сигурна победа на Ѓукановиќ на овие избори.

Но, со Ѓукановиќ на 2 април во претседателската трка ќе се натпреварува Јаков Милатовиќ, кандидат на Движењето „Европа сега“. Дел од новата генерација на политичари кој не заостанува зад Ѓукановиќ во своите европски амбиции, и за разлика од досегашниот претседател, жестоко ја критикува сеопфатната корупција на владејачката ДПС, која ја нарече препрека на европскиот пат на Црна гора.

Ѓукановиќ долго време важеше за гарант на патот на Црна гора кон Западот, поради што се толерираше неговата корупција. Но, доколку победи Милатовиќ на сцена ќе стапи нова генерација политичари, чија прозападна ориентација е несомнена и кои ќе бидат добредојдени и во Брисел и во Вашингтон.

„Црна Гора е на работ на историска пресвртница, а Ѓукановиќ го чекаат тешки времиња: ако Ѓукановиќ го загуби претседателскиот имунитет, веројатно ќе му се закануваат нови истраги за злоупотреба на владеењето и корупцијата, оценуваат западните медиуми.

И самиот Јаков Милатовиќ, е речиси сигурен во својата победа. Тој изјави дека Ѓукановиќ конечно ќе стане дел од политичкото минато на 2 април.

Јас имав три години кога Ѓукановиќ влезе во црногорската политика. Што е Доста, доста е изјавил Милатовиќ.

Но освен поддршка од западот Милатовиќ очигледно ќе има и поддршка од гласачите на третиот по освоени гласови Андрија Мандиќ, чија политика минатите години се базираше со единствена цел, уривање на Ѓукановиќ. И поранешниот премиер Дритан Абазовиќ најави дека неговата политичка групација нема да му даде поддршка на Ѓукановиќ во вториот изборен круг.

Добрите познавачи на состојбите сметаат дека сепак Ѓукановиќ сè уште има огромна поддршка, и дека со своето 30 годишно политичко искуство не е за потценување.

Се очекува тој и неговата ДПС да вложат максимални напори да ги донесат граѓаните на гласање. Ѓукановиќ традиционално има поддршка од Бошњаците и Албанците. Исто така, со помош на некои бизнисмени ќе се обиде да донесе што повеќе гласачи од дијаспората каде ужива голема доверба. Црногорските медиуми шпекулираат дека веќе има закажано планирани летови од дијаспората кои би дошле на втори април и би гласале за Ѓукановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот