Утре последна шанса во 2020 година да се ракуваме со ЕУ

Никола димитров и Бујар Османи, Фото: Архива

Ќе успее ли утре Германија да направи пробив во бугарската блокада и да го откочи процесот на проширување на Европската унија? Сите надежи сега се свртени кон утрешниот амбасадорски состанок во Брисел на кој Германија повторно ги стави на дневен ред заклучоците за проширувањето на ЕУ за Македонија и Албанија кои претходно не беа разгледувани поради бугарското вето на преговарачката рамка за нашата земја.

Во Брисел ќе биде и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој вели дека германското претседателство е упорно и го користи секој момент за да издејствува да се усвојат заклучоците за проширувањето на ЕУ. За германската намера сведочат и серијата изјави со поддршка од министерот за Европа Михаел Рот, кој во последната колумна е категоричен дека „ЕУ мора да си го исполни ветеното и да испорача, а Софија не може да го држи во заложништво нејзиното проширување“.

Кацарска: Има шанси за преговори до крајот на годината

Според Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, не е невозможно до крајот на годината да се организира Првата меѓувладината конференција на која Македонија ќе ги отвори преговорите за членство со ЕУ.

– Ние засега не знаеме што ќе содржат новите заклучоци што ќе ги понуди Германија на амбасадорскиот состанок и дали ќе бидат поволни или неповолни за нас. Минатите заклучоци не беа поволни за нас и подобро е што се тргнаа од дневен ред отколку да беа усвоени. Но, на пример, ако утре се усвојат некакви заклучоци, тогаш може да се одржи конференцијата до крајот на годината, а може да биде закажан датум за нејзиното одржување и за во јануари следната година, на пример. Но, за таква одлука претходно мора да се одржи самит на кој ќе се сретнат лидерите на земјите-членки. Сосема е возможно до крајот на годинава да има уште еден самит затоа што лидерите мора да за дискутираат за Брегзит. Штом ќе се свика самит за Брегзит, може да се искористи и за усвојување на преговарачката рамка и за закажување на првата меѓувладина конференција со Македонија – вели Кацарска за „Слободен печат“.

Дискусијата за проширувањето меѓу амбасадорите на земјите-членки во предминатата недела беше симната од дневен ред и не беа усвоени заклучоците поради ставот на Бугарија дека не може да се одржи првата меѓувладина конференција за пристапни преговори со Македонија без решавање на билатералните спорови. Неизвесно е каков компромис ќе предложи германското претседателство во новите заклучоци, а според информациите што се вртат периодов во дипломатските кругови, се бара компромис околу формулација поврзана со „погрешна интерпретација на историјата“. Претседателството на ЕУ смета дека оваа реченица треба да биде сместена во уводот за сите земји од регионот, а Бугарија бара таа да биде вметната специфично за Македонија.

Министерот Рот во авторски текст за весникот „Велт“ пишува дека Македонија и Албанија постигнале многу на својот пат кон ЕУ, исполниле амбициозна реформска агенда и не дозволиле да бидат сопрени од разни пречки.

„Со решавањето на спорот за името со Грција, Северна Македонија испиша историја во вистинската смисла на зборот. Оттука зеленото светло за почеток на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија беше вистинскиот и потребниот чекор. Сега мора во најкус рок да се одржат Меѓувладините конференции со двете земји, откако ќе се исполнат условите. Германија силно се заложи за тоа во рамките на своето претседавање со ЕУ. Пристапниот процес не смее да се одложува во недоглед затоа што една единствена ЕУ членка од него прави заложник на сопствените билатерални барања“ – пишува Рот и опоменува дека ако ЕУ не успее да си ги исполни ветувањата на Западниот Балкан, не може да се профилира ниту како глобален играч.

Заев: Европа ја носиме дома

Според премиерот Зоран Заев ветото не е по наша вина, а барањето на решенија за спорот со Бугарија е на врвот на владината агенда во првите 100 дена работа.

– Ние застанавме цврсто на ставот дека македонскиот национален идентитет е невозможно да биде предмет на преговори, дека ние не можеме и никогаш нема да се откажеме од нашето право на самоопределување кое е гарантирано со Повелбата на ОН и со сите други меѓународни договори и конвенции кои ги има потпишано и Бугарија. Се надеваме дека штетата што е предизвикана од ова неоправдано вето за европските интеграции на регионот и за европските вредности ќе се надомести бргу – рече Заев.

Според него, владата сега уште посилно ќе се посвети на градењето европски стандарди дома, а паралелно ќе продолжи да разговара со соседна Бугарија.

– Европа ја носиме дома – рече Заев.

И вицепремиерот Артан Груби рече дека со Бугарија не се преговара за јазични и идентитетски прашања.

Во својство на највисок претставник на албанската заедница во нашата Влада, би сакал да дадам целосна поддршка до македонската заедница во заедничките напори да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ и да повторам и уверам дека во ниту еден момент со нашиот сосед не се разговара за јазично идентитетски прашања и затоа нема воопшто простор за стравување. Најдобра потврда за тоа е денешната перспектива две години по уставните измени и Преспанскиот договор при што станавме членка на НАТО со меѓународно потврдена заедничка држава и по исти такви стравувања – рече Груби при отчетот за првите сто дена од работењето на Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот