Уставниот суд не ги оживеа бугарските здруженија „Иван Михајлов“ и „Цар Борис“, забраната на нивните називи не е цензура

Здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид и Клуб „Ванчо Михаилов“ во Битола / Фото: СП. архива, МИА

Уставниот суд денеска не покрена постапка по иницијативите за оценување на уставноста на измените и дополнувањата на Законот за здруженијата и фондациите, донесени лани во ноември, со кои на сите граѓански организации им забрани во своите називи да користат имиња на лица поврзани со геноцид, фашизам, нацизам, Третиот рајх итн, што значи дека законските измени се во согласност со Уставот.

Овие измени беа донесени откако две здруженија на Бугари од Македонија своите организации ги именуваа со скандалозни називи, „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис“ во Охрид, што предизвика жестоки реакции на граѓаните затоа што се работи за соработници на фашистички режими и негатори на Македонците, а по утврдениот рок во кој тие не ги сменија своите називи, Централниот регистар ги избриша од регистрацијата според пропишаната законста постапка.

Подносителот на иницијативата во Уставен суд, адвокатот Зоран Стојановски наведува дека законодавецот ги пречекорил уставните овластувања и вовел цензура, која со Уставот е забранета. Тој ја оспори и одредбата за ретроактивна примена на законот, односно што организациите добија рок од три месеци да го усогласат своето име/назив, скратено име, програма, цели и дејности со законските измени. Подносителот наведува дека со Уставот се пропишани формалните елементи на здруженијата, се регулирани програмите и дејствувањето, но не и називите или имињата на здруженијата.

Од Уставен суд сметаат дека неограничувањето на слободата на здружување на граѓаните не значи дека во програмите на здруженијата може да има одредби за насилно уривање на уставниот поредок на државата, поттикнување на верска и етичка омраза, повикување на воена агресија итн. Односно, неограниченоста на здружувањето не значи дека може да се злоупотребува тоа право. Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат и тоа во случаи утврдени со Уставот, како и за време на воена или вонредна состојба. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба и не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста. Според Судот, во забраната на нивните називи не се работи цензура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот