Унгарска книжарница казнета бидејќи ставила роман со ЛГБТИ+ содржини во делот за малолетници

Унгарија протест на ЛГБТИ заедница / Фото ЕПА

Унгарските власти изрекле голема парична казна против национален продавач на книги поради серијал на графички романи поврзани со ЛГБТИ+ содржини, велејќи дека го прекршил спорниот закон кој забранува прикажување на хомосексуалност на малолетници.

Книжарката, „Лира Конив“, е вториот по големина синџир на книжарници во Унгарија. Казнето е со 12 милиони форинти (36.000 долари) затоа што го ставил романот „Хартстопер“ од британската авторка Алис Осеман во делот за литература за млади и затоа што не го ставил во затворено пакување како што налага законот од 2021 година, пишува „Гардијан“.

Веб-стриповите и графичките новели на „Хартстопер“ биле адаптирани за телевизија, а серијата стана огромен хит за „Нетфликс“. Втората сезона ќе биде достапна од август.

Канцеларијата на метрополитенската влада во Будимпешта, која ја издаде казната, изјави за државната новинска агенција „МТИ“ дека спровела истрага за продавницата што ја продавала книгата.

„Истрагата откри дека предметните книги прикажуваат хомосексуалност, но тие сепак биле ставени во категоријата книги за деца и литература за млади и не биле дистрибуирани во затворено пакување“, велат од канцеларијата.

Казната се заснова на унгарскиот закон за „заштита на децата“ од 2021 година, кој забранува прикажување на хомосексуална содржина на малолетници во медиумите, вклучувајќи телевизија, филмови, реклами и литература. Исто така, забранува ЛГБТИ+ содржини во училишното образование и забранува јавно прикажување на производи кои прикажуваат или промовираат родово отстапување од полот при раѓање.

Унгарската влада инсистира дека законот, дел од поширокиот статут кој исто така ги зголемува кривичните казни за педофилија и создава база на податоци за сексуалните престапници што може да се пребарува, е неопходен за заштита на децата. Но, критичарите на десничарската влада во земјата го гледаат како обид да се стигматизираат членовите на заедницата.

Во април, 15 земји од Европската унија поддржале правна постапка против законот во Европскиот суд на правдата, а највисоката извршна власт на блокот, Урсула фон дер Лајен, го нарече „срамен“.

Казната против „Лира Конив“ дојде два дена пред Парадата на гордоста во Будимпешта, годишен настан што привлекува илјадници членови на ЛГБТК+ заединцата и нивните поддржувачи во главниот град на Унгарија.

Во соопштението, канцеларијата на метрополитенската влада во Будимпешта соопшти дека и наредила на „Лира Конив“ да обезбеди законска дистрибуција на книгата и дека „секогаш ќе презема строги мерки против компаниите кои не го почитуваат законот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот