Турција бара да ѝ депортираме 86 турски државјани!?

Фото: Архива

Структурите на ФЕТО продолжуваат да бидат присутни во земјава затскриени зад превези на образовни институции и трговски друштва, тврди турскиот амбасадор во Македонија

Турција очекува од Северна Македонија да ѝ бидат испорачани 86 лица, турски државјани, кои се осомничени за поврзаност со движењето на проповедникот Фетулах Ѓулен, кого Анкара го смета за организатор на обидот за државен удар во земјата пред пет години.

– Во изминатите четири години зголемен е бројот на барањата за депортирање и екстрадиции до властите во земјава. Вкупно за 86 лица се бара депортирање од земјата, за 20 од нив се бара екстрадиција. Сите овие барања се испратени до надлежните на Северна Македонија, но засега не е преземен чекор во оваа насока – изјави турскиот амбасадор во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, на прес-конференција по повод 15 јули – Денот на демократијата и националното единство на Турција.

Тој истакна дека во изминативе пет години еден од основните приоритети на турската држава беше оневозможување на дејствувањето во земјата и во странство на движењето на Ѓулен, кое Анкара го нарекува „Фетулахистичка терористичката организација“ – ФЕТО.

Во Турција, рече Секизќок, е „дешифрирана структурната поставеност на ФЕТО во државните и вондржавните институции“ и се сузбиени нејзините активности, а спроведени се и депортации од странски држави.

Кога сме кај Северна Македонија, структурите на ФЕТО продолжуваат да бидат присутни во земјава затскриени зад превези како образовни институции и трговски друштва. Во секоја можност до надлежните на Северна Македонија ги пренесуваме нашите барања за оневозможување за дејствување на структурите на ФЕТО и депортирање на лицата поврзани со ФЕТО. Ставањето крај на дејностите на структурите на ФЕТО и депортирањето на лицата поврзани со ФЕТО ќе претставуваат конкретни чекори од аспект на билатералната соработка во насока на борбата против тероризмот. Ја користам оваа можност одново уште еднаш да ги истакнам овие очекувања. Со одлучност ќе продолжат нашите дејности во насока на сузбивање на структурите на ФЕТО во странство – рече амбасадорот Секизќок.

Тој сепак посочи дека односите меѓу Турција и Северна Македонија се засноваат врз цврсти темели и не зависат од само едно досие.

Во неуспешниот обид за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година, што според турските власти го организирало движењето на Фетулах Ѓулен, загинаа 251 лице, а над 2.000 беа повредени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот