Трудо: Уништувањето на браната во Украина е директна последица на руската инвазија

Канадскиот премиер Џастин Трудо/Фото: EPA-EFE/STR

Канадскиот премиер Џастин Трудо, кој денеска беше во ненадејна посета на Киев, изјави дека уништувањето на браната Каховка во јужна Украина, што предизвика поплави, е „директна последица“ на руската инвазија.

Трудо ја обвини Москва за експлозијата што ја уништи хидроелектричната брана, додека двата завојувани табора ја негираат одговорноста за катастрофата.

„Сите ја видовме штетата предизвикана од уривањето на хидроелектричната брана Каховка… Ова е директна последица на војната што ја започна Русија“, рече Трудо.

Поплавите што следеа ги зафатија и областите под контрола на Украина и окупирани од Русија на двата брега на реката Дњепар, при што загинаа неколку луѓе, а десетици беа повредени.

„Во нашите умови нема апсолутно никакво сомневање дека уништувањето на браната е директна последица на одлуката на Русија да ја нападне земјата“, изјави Трудо.

Канадскиот премиер веднаш најави 10 милиони долари помош за Украина за справување со последиците и 500 милиони долари дополнителна воена помош за украинските сили кои се во напад.

„Покрај тоа, денеска објавувам дека Канада ќе учествува во мултинационалните напори за обука на борбени пилоти и за одржување и поддршка на програмата на Украина за борбени авиони“, рече тој.

Претходно Трудо положи венец во спомен на загинатите војници во Киев.

Украинскиот заменик-министер за одбрана Олександр Поличхук му предаде на Трудо кутија со делови од проектил кој падна во Одеса, главното украинско пристаниште на Црното Море. „Тоа е мал потсетник за тоа како Украина страдаше од руските ракетни напади“, рече Поличхук.

Со канадскиот премиер разговарале и група украински војници кои биле обучени во Канада.

Канада, која има голема украинска дијаспора, е еден од главните поддржувачи на Киев, обезбедувајќи значителна воена помош и обучувајќи повеќе од 36.000 украински војници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот