Трските старословенски, живот што значат

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Пливањето спротивода, нагоре значи, спротивно на течението на водата, воопшто не е толку идиотска работа како што изгледа, особено доколку реката во која се наоѓаме јури кон смртоносен водопад. Оваа поука од мудриот Давила може многу да ни помогне во решавањето на проблемите што ни се испречија на патот на нашите европски интеграции. Се разбира дека нашето досегашно мачно и неизвесно препелкање кон Европа во никој случај не може да се нарече „течно“, та пливачката метафора можеби изгледа несоодветна, но суштината на Давиловата мисла е уште како применлива на актуелните премрежиња што произлегоа од апсурдните барања кои Бугарија ни ги испорача во облик на ултиматум.

Аналогијата е јасна: доколку безалтернативноста на нашиот пат кон Европската Унија го замислиме како единствен речен тек, бугарските во суштина империјалистички и анексионистички услови нашиот влез во Унијата го претвораат во смртоносен водопад низ кој треба да ја пуштиме во ништовност нашата севкупна културно-историска и национална посебност. Пливањето во спротивна насока во вакви налудничави околности е не само единственото рационално решение за спас на државниот суверенитет – зашто Бугарите посегнаа токму по него – туку и единствената разумна тактика што ќе нѐ одржи и понатаму во коритото на нашиот стратешки пат.

Ултранационалистички халуцинации

Слепото брзање низвода во вакви околности не може да ни донесе ништо добро, додека пливањето спротивода, ќе ни купи време и нам – да ги решаваме домашните проблеми, и на Унијата – за да ја обезбеди ремисијата на бугарското анахроно царистичко и фашистичко лудило.

Нам, на повозрасните, што пливаме поблиску до брегот, кај што водите забавуваат и прават понекогаш неочекувано романтични јазови и енклави, бугарската малоумна блокада ни обезбеди изненадувачки интересно време за саморефлексивни и самооткривачки патешествија во историјата. Зашто, во срцевината на целиот бугарски скудоумен светоглед стои погрешното историско становиште дека тие – Бугарите – се првите што ја населиле македонската територија и дека старословенскиот јазик на кој говореле протословенските и јужнословенските племиња бил бугарски јазик, од кој некни со „прекодификација“ е фалсификуван нашиот македонски јазик.

Овие забавни малоумштини ме натераа да пробуричкам малку по историите на раниот среден век – напишани од релевантни „светски“ автори, се разбира – за да ги преповторам лекциите по историја што безбели сум ги подзаборавил. И, што мислите, на што наидов, почитувани читатели? Се разбира дека наидов на купишта потврди за неоснованоста и скудоумноста на бугарските становишта (но тоа веќе и не е толку интересно, нели), туку налетав на извориштето на фантастичниот мит за трските со коишто старите јужни Словени дишеле прегњурувајќи го Дунав кога го населувале Балканскиот Полуостров!

Елем, најраните веродостојни историски извори – хрониките на Јордан и Прокопие – известуваат за наездата на јужните Словени на Балканскиот Полуостров и тогашното Византиско Царство, во втората половина од 6 век од нашата ера, додека дури половина век подоцна бугарските племиња – уште пред да се претопат со источните и јужните Словени – под водство на канот Кубрат 632 година ја формирале својата прва држава, таканаречената Велика или Стара Бугарија. Територијата на оваа прва бугарска држава се простирала североисточно од Дунав, помеѓу реките Донецк и Кубан и Црното и Азовското Море, на денешната територија на Русија и Украина, далеку, далеку од нашите краишта.

А, кога кон крајот на 7 век, некаде во 680 или 681 година, канот Аспарух го формирал Првото бугарско царство, јужнословенските племиња веќе го преплавиле Балканскиот полуостров и стасале до Јадранското Море на запад, до Пелопонез на југ, а постојат записи и дека се истоварувале дури и на островот Крит. Така што, тврдењата за бугарската природа на старословенскиот јазик и нивната предност во населувањето на Македонија и јужниот Балкан се чисти етноцентични ултранационалистички халуцинации, коишто во науката вредат – како што веќе мериторно се изјаснив – колку и товар сточен измет: македонските Словени биле тука еден век пред нив и, се разбира, на оваа територија го говореле својот старословенски јазик. Сигурно постојат и веродостојни научни извори за бројните курсеви по македонски што нашите предци ги организирале за братјата Б`лгари да го научат говорот на овдешните Словени. Но, толку за тоа.

Прирачникот на Маврикие

Поинтересна приказна за нас се секако маките на харизматичниот византиски цар Маврикие, кој помеѓу 582 и 602 година ги имал бранејќи ги северозападните и западните граници на царството од несопирливите изливања на јужните Словени длабоко до морските брегови на Балкан. Бидејќи во тоа време Словените во огромни маси го преоѓале Дунав со чамци и помали бродови, и веќе ја освоиле репутацијата на застрашувачки воини, царот Маврикие напишал прирачник за војување со Словените, што го наменил за своите војсководци и го нарекол „Стратегија“ (Strategikon). Во овој бесценет документ Маврикие напишал за Словените дека „не поднесувале да бидат поробени и одбивале воопшто со нив да се владее“, и уште дека „лесно ги поднесувале студот, жештината, дождот, кусокот на облека и недостигот на храна и вода“.

Понатаму, во неговата „Стратегија“ Маврикие ги опишал и сите воени стратегии и тактики за борба против Словените, што се темелеле на собраните искуства од искуснине воини што во бој го запознале словенскиот противник. Словените – според „Стратегијата“ – требало да се напаѓаат во доцна есен и зима, кога дрвјето е голо, зашто тие биле исклучително вешти во герилските тактики на војување и првенствено се бореле во густи шуми. Маврикие ги советувал своите воини секогаш да се обидуваат да ги завртат едни против други словенските племиња, зашто овие имале повеќе старешини, но никогаш еден врховен водач.

И, на крајот, кандираната цреша на врвот од колачот: Маврикие им порачува на византиските старешини да обрнат особено внимание на трските во водите, зашто Словените би можеле да се кријат во водата под трските, лежејќи во неа и дишејќи низ стеблата на трските! Ете како настанал инфантилниот мит за тајното прегњурување на Дунав со помош на трските живот што значат: како и секогаш, со погрешно и честопати потполно нелогично спојување на делови од веројатно вистинити искази, записи и настани.

За овој голем настан за јужнословенското човештво – „пробивањето“ на митот за трските – можам да им се заблагодарам само на соседските блокади: фала ви братја. Дури, загледувајќи во темната длабочина на глупилото со коешто се составени бугарските „аргументи“ во нивниот седржавен Објаснувачки меморандум, како да почнувам со симпатија да ја согледувам контроверзната вистина за нашите два народи. Имено, таков идиотлук и малоумие тука произведуваат само вмровските фаланги, што можеби имплицира дека сепак имаме нешто заедничко.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот