Трихотиломанија: Болест на кубење на сопствената коса

Трихотиломанијата претставува самонанесено оштетување на косата, кое може да се изведува и несвесно, односно претставува таканаречен „нервозен тик“. Во повеќе наврати се кубе или крши одреден прамен или цела регија од косата.

Косата е дел од кожата на човекот, односно нејзин производ. Косата сама по себе не е подложна на заболувања, освен понекогаш, кај некои вродени синдроми, кои се исклучително ретки, а кои се поврзани со генетски нарушувања на основните градбени протеини, кои ги градат кожата, ноктите и косата. Во склоп на тие состојби, влакната на главата може да се формираат со бизарни форми и бои, да бидат со лош квалитет, да постои слаба и тенка коса, но сепак, и тука се работи за болести на самата кожа и други наследни нарушувања, кои само имаат свој одраз на косата, и кои поради нивната реткост овде не би ги набројувале.

Кога се зборува за заболувања на косата, пред сè, се мисли на нејзиниот недостаток, односно на состојби од проретчена коса па сè до комплетно нејзино опаѓање, со или без истовремен губиток и на другите влакна по телото (трепки, веѓи итн.). Состојбата на губиток на косата се нарекува алопеција. Губитокот на косата се припишува или на ефектите на воспалителни клетки во кожата, кои го напаѓаат влакнениот корен, или на разни физиолошки и механички фактори, кај кои воспалението не игра улога.

Аларм за родителот

Постојат голем број алопеции. Една од нив е поретка форма, која од своја страна сразмерно често може да се сретне кај децата од најразлични возрасни групи. Бидејќи може да зафати големи подрачја со коса на главата, понекогаш навистина изгледа алармантно и се чини дека детето е на прагот да ја изгуби сета коса. Состојбата се нарекува трихотиломанија. За што, всушност, тука станува збор?

Трихотиломанијата е необичен наод на преглед, најчесто локализирана на окосмениот дел на главата, а поретко на други делови со терминални влакна (веѓи, трепки), која не е вистинско заболување. Во основа се работи за психолошка состојба, која треба да го алармира родителот да обрне поголемо внимание на емоционалната состојба во која се наоѓа неговото дете. Состојбата е почеста кај децата, но може да се сретне и кај возрасни.

Примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог

Трихотиломанијата претставува самонанесено оштетување на косата, кое може да се изведува и несвесно, односно претставува таканаречен „нервозен тик“. Во повеќе наврати се кубе или се крши одреден прамен или цела регија од косата, со што таа се трауматизира, се оштетува и се кине, па со тек на времето сето ова доведува до видливо жариште на главата кое е без коса. Кога жариштето ќе стане видливо, родителот се алармира, состојбата станува вознемирувачка и често во таква очигледна возбуденост се бара итно лекарски совет. Во очи паѓа фактот дека родителите се повеќе вознемирани од самите деца – пациенти. Додека родителите се во паника дека детето можеби ќе им остане без коса, самиот пациент често може несвесно да чувствува и задоволство што е центар на внимание и грижа од страна на родителите. Често се јавува кај деца, кои имаат некои тешкотии од психолошки карактер.

На пример, детето се чувствува немоќно да ги исполни очекувањата на своите родители или претпоставени (наставниците во училиште, градинка, тренерите – доколку спортува, и сл.). Понекогаш во основа е стравот од отфрлање, неспособноста да се социјализира со други деца или пак, се чувствува, поради некоја причина, изолирано или поинакво од другите деца. Немајќи искуство и начин да го препознае својот проблем, детето реагира инстинктивно, односно го изразува тој свој внатрешен судир, конфликт, низ еден чин на автодеструкција. Многу често, на прашање од лекарот или од родителите, дали „прави“ нешто со косата, ќе негира дека самото ја трауматизира, но може и навистина да биде несвесно за својот тик.
Бидејќи косата во вакви случаи никогаш не испаѓа од коренот, дијагнозата се поставува лесно, со видливи остатоци од влакна над површината на кожата од неколку милиметри или црни точки на местата на фоликулите (влакнените корени во кожата) и со нерамномерно искршени влекна (на различна висина). Сето тоа укажува на влијание на механичко дејство од надвор, врз влакнените стебла.

Да се пронајде психолошката причина

Сепак, болеста не се лекува лесно, најчесто е потребна соработка со психолог и внимателно барање на подлабока, најчесто психолошка причина за овој облик на автоагресивност. Самите пациенти, дури и возрасните, може упорно долго време да негираат дека самите си ја индуцираат состојбата, па е потребно исклучително трпение и разбирање. Закани или слични облици на принуда и настојување да се престане со ваквото однесување, најчесто ќе дадат обратен резултат и родителите би требало по секоја цена да се воздржат од секакво наметнување на услови, ултиматуми или слични средства, во обид своето дете да го одвратат од ваква реакција.

Секој дополнителен притисок, врз и онака фрагилната детска психа, ќе биде само дополнителен фактор тоа да продолжи со оваа навика. Подобро е да му се остави време, колку што му е потребно, а да се најде начин да му се стави до знаење дека е сакано и прифатено од родителот, без оглед на сè. Очекувано, искоренувањето на оваа појава трае подолг период, затоа нема потреба од вознемиреност ниту брзање. Подобро е да се мисли на причините, кои довеле до состојбата, и таму да се насочи вниманието и желбата на родителите да се дејствува во позитивна насока. Детето мора да разбере дека ќе му се обрне доволно внимание и без да „мора тоа да го изнуди со недостигот од коса“.

Лекување од страна на дерматолог најчесто не е потребно. Косата по престанокот на трауматизирањето спонтано ќе порасне. Бидејќи дерматологот е најчесто прв кај кого ваквите пациенти ќе побараат совет, неговата улога се сведува на тоа да ги разоткрие вистинските причини за оваа појава и да им помогне на родителите и детето со совет и со уверување дека ќе се излекува без последици, доколку успеат да го откријат вистинскиот психолошки „клуч“ за тоа.

Примариус Сузана Камберова,
специјалист дерматолог

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот