Тие што злобно се ситат на гафовите прават најголем гаф

Веќе напишав дека два најсимпатични момента во досегашната кампања се часот по јога на Гордана Силјановска во Охрид и роденденот на Стево Пендаровски во кругот на семејството. Тие две сцени ми изгледаат некако најблиску до она како јас го замислувам нашиот иден претседател или претседателка – цивилизирана и скромна личност, со некоја своја посебност во приватниот живот што не се срами да ја сподели со нас, граѓаните.

Два најсимпатични гафа во досегашната кампања ми се она кога Силјановска неготинци ги нарече кавадарчани (па културно се извини) и објаснувањето на Зоран Заев зошто сите прилепчани знаеле дека новиот претседател ќе биде токму Пендаровски – на табличките на автомобилите им пишувало ПП (Пендаровски претседател). Заев не се извини, бидејќи мислам дека уште никој од неговата околина се нема сетено да му каже дека досетката може да има и негативна конотација, бидејќи во старите вицеви за нашите паланечки стереотипи ПП значеше нешто друго.

Како и да е, не треба да се мешаат гафовите и со организираните, одглумените или можеби и навистина спонтани настапи на некои луѓе од типот „друже Тито ми ти се кунемо“ и со изблиците на неприкладна националистичката реторика на некои од митинзите. Таквите настапи го спуштаат нивото на кампањата и им штетат на кандидатите, та затоа треба да бидат јавно жигосани.

Гафовите си се гафови. Нема кампања во светот која минува без гафови и нема кандидат кој е имун на нив, колку и да е интелигентен, паметен, фокусиран. Кампањите се долги и исцрпувачки, па често, освен гафови, се случуваат и многу понепријатни работи. Се сеќавате ли кога Хилари Клинтон колабираше среде кампањата, во битката со Трамп?

Она што навистина е грдо е кога некои луѓе ги злоупотребуваат гафовите, за да ги навредуваат кандидатите, понекогаш дури и на најмизерен начин. Погледнете што се случува на Фејсбук. Освен партиските ботови, на кои тоа им е задача, многу јавни личности што ги сметаме за сериозни и одговорни, не само што им се потсмеваат на луѓето што учествуваат во кампањата поради гафовите, туку коментираат и со класичен говор на омраза.

Мене таквото однесување ми е одвратно. Без оглед за кој табор и за кој кандидат станува збор. И затоа апелирам (ако апелите сега воопшто имаат некаква смисла), кон гафовите да се однесуваме цивилизирано – да се смееме, па и да се потсмеваме, но не со таа одвратна злоба и омраза, со кои сме отруени.

Бидејќи во текот на кампањите во принцип не ги коментирам политичките програми и пораки на кандидатите, им посакувам и на Гордана и на Стево успех во кампањата и им порачувам да не се грижат многу поради гафовите. Тие нема да променат ништо во поглед на исходот на изборите, како што впрочем и самите кампањи не менуваат многу во одлуките на избирачите дали ќе гласаат и за кого.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот