Темел од магла и срамен молк за создателот
Да ја завршиме владината дебата за „темелите на државноста“ со заклучокот ако темелот на нашата државност е ликот и делото на Гоце Делчев, тогаш нашата државност и нема темел туку мистична скаска без содржина, соткаена од тенки нитки барска пареа. Гоце може и понатаму да биде апостоларниот симбол на почетоците на македонската револуционерна борба, но со македонската државност или со темелите на државата македонска Гоце и ТМОРО немаат никаква врска.
Некни, на 4 мај, беше торжествено одбележана 123-годишнината од смртта на Гоце Делчев. Иако грамадната маса претставници на најстарата бела раса ариевски Македонци (од цел милион жители на планетата Земја) беше со умот отсутна за време на величествените чествувања, некои зафатени со чешање зад увото, а некои со правење топчиња од носни гурелки, секогаш будните национални факелоносци и најумни синови на народот, неспорниот патриотски крем на кремовите македонски – владиниот вмровски врв и навивачката група Комити – масовно го одбележаа светиот ден во црквата „Свети Спас“, во непрегледна толпа од некоја стотина луѓе.
Препорачано
Централен настан со културно, историско и државно значење беше научно-идеолошката трибина што истовремено се одржа во Владата, на која учествуваа помалку од дузина истакнати министри од Владата и други културни дејци. Трибината беше насловена „Темел на државноста – визија за иднината“ и на неа беа искажани такви празни општи места, што се веројатно потполно непреносливи со лексиката на македонскиот или на кој било друг јазик. По напорното истражување успеав за идните генерации да ги сочувам цитатите дека „иднината е, како што рече Гоце, едно културно поле за натпревар“, при што ние Македонците сме „имале право на своја историја, затоа што го имаме тоа право“, не заборавајќи притоа дека „нашиот идентитет е она што го паметиме од нашите предци“ итн.
Ништо завиткано во ништовност и скриено во ништожество
Доколку судиме по масовноста и величественоста на чествувањето, а особено според содржината на изречените умосерини, темелот на македонската државност се состои од – како што тоа Черчил убаво го кажа за родната ни Маседонија – ништо завиткано во ништовност и скриено во ништожество. Од друга страна пак, општата празнотија на вмровскиот и државниот наратив за темелите на мацедонската државност може и тоа како да се оправда со објективната ништовност на идеолошкото и државотворното интелектуално наследство на избраниот мацедонски револуционерен Мојсеј, кое најчесто се состои од соновната визија за „светот како поле за културен натпревар на народите“.
Колку и да е болен фактот за непостоењето на никаква релевантна историска и материјална врска помеѓу животот и делото на македонскиот револуционерен Мојсеј и создавањето на македонската држава во текот на Втората светска војна, велам, колку и да боли вистината дека Гоце Делчев и неговите комити со ништо не придонеле кон раѓањето и развојот на модерната македонска државност, таа болна вистина – да се изразам во духот на владината дебата за „темелите на државноста“ – е болно вистинита вистина. Револуционерното движење за македонско-одринската автономија и слобода, го потроши своето време од 1896 до 1903 година повеќе во меѓусебни секташки и фракциски борби, интриги и афери, отколку во ефективна воена или политичка борба против османската империја, а по предавството и загинувањето на Гоце, и по фатално погрешното Илинденско востание, ТМОРО – револуционерната организација на Ѓорче Петров и Гоце Делчев – се најде на историска стрмнина во која до Балканските војни потполно исчезна. Така што, освен горчливата но инспиративна митологија за револуционерното македонско-одринско движење, практично ништо – и со бројки НИШТО – не остана да се вгради во вистинското создавање на македонската држава во текот на Втората светска војна. Па, да ја завршиме владината дебата за „темелите на државноста“ со заклучокот ако темелот на нашата државност е ликот и делото на Гоце Делчев, тогаш нашата државност и нема темел туку мистична скаска без содржина, соткаена од тенки нитки барска пареа. Гоце може и понатаму да биде апостоларниот симбол на почетоците на македонската револуционерна борба, но со македонската државност или со темелите на државата македонска Гоце и ТМОРО немаат никаква врска.
За Тито не пропелтечија ниту запирка
Од друга страна, за најзаслужниот човек за создавањето на македонската држава, како и за темелите, армирано-бетонската конструкција, ѕидовите, кровот, фасадата, столаријата, браваријата, подовите, инсталациите, опремата и мебелот на државата што 1944, при раѓањето се нарече Народна Република Македонија, а кој почина на тој ист 4 мај како и Гоце, само 77 години подоцна, секогаш будните национални факелоносци и најпрви мажи на народот, сите топтан не кажаа ниту збор. За Јосип Броз Тито, најголемата политичка и државничка фигура во историјата на јужнословенските народи, и за водачот на најфасцинантната антифашистичка борба во заднината на фашистичка Европа, како и за човекот што потоа го создаде најуспешниот модел на реален социјализам со работничко самоуправување во целата политичка историја на планетата, неспорниот патриотски крем на кремовите македонски, владиниот вмровски врв, навивачката група Комити и високоумните дебитанти во Владата, не пропелтечија ниту запирка, како да не постоел воопшто.
А токму Маршалот Тито нам Македонците и на Македонија ни има дадено најмногу од сите југословенски народи: во политичка смисла нè создаде од ништо, и како што се изрази еден голем автор, тоа е единствениот политички гигант што високо ја засукал кошулата и ја нурнал раката длабоко во македонското блато, за од црната тиња и ферментираните овчи брбушки да направи република, со сите современи демократски институции и со описменети граѓани да уживаат во неа. Тито ни даде држава во која го кодифициравме македонскиот јазик и во која уставно ја нормиравме македонската нација; тоа беше држава со владеење на правото и систем на закони што најдобро ги штитеа човечките и работничките права во историјата на светот. Тито ни изгради фабрики, заводи, градови, патишта, железници и аеродроми; токму тој ни ги изгради институциите на културата, универзитетите, музеите, театрите, телевизијата, радиото и весниците, телекомуникациските центри и културните домови во секое гратче; негово дело се и клиничките центри, болниците и амбулантите, основните и средните училишта; тој ни ги изгради браните, вештачките езера, акумулациите, речните регулации, заштитните канали и тој ни ја пошумуваше македонската голија цели 40 години. Тој и никој друг ни го создаде системот на бесплатно школство и здравство, практично бесплатното домување, и загарантираното вработување и пензија; го изгради и системот на релаксирано работење во самоуправни единици на трудот, слободи на движење и културен израз, со безмалку пазарно стопанство. Тито ја создаде и ни ја подари единствената реализирана утопија во историјата.
И најдобар доказ за тоа колку е грамадно неговото дело е што веќе 35 години направивме сè што е во нашите моќи да го ограбиме, украдеме, присвоиме и отуѓиме, да распарчиме и уништиме сè што го добивме во наследство од Јосип Броз Тито и од генерацијата на нашите татковци што тој ги водеше низ ослободителната борба и низ изградбата на земјата, и сè уште има многу за крадење, засерување и упропастување! И најдобар доказ за тоа каков неверојатен успех во социјалниот инженеринг постигна Тито, е што направи огледна, та дури одлична државна и културна творба, и тоа од долен, црвлив и шуплив, расипан и полураспаднат човечки материјал, кој набројаните „квалитети“ секоја година очигледно ги докажува со срамниот молк за својот творец.
Само ние упорно го молчиме денот на смртта на својот создател
А, тој 4 мај 1980 година, денот кога почина најголемата политичка фигура во светот, знамињата на пола копје во знак на почит и жал ги спуштија дури 144 држави во светот (од вкупно 154), додека повеќе од 80 држави прогласија денови на национална жалост. Знамињата на Капитол во Вашингтон, на Бакингемската палата во Лондон, Кремљ во Москва, Елисејските полиња во Париз, Хофбург во Виена и повеќе од стотина други главни градови беа спуштени на пола копје. Некои земји прогласија дури седумдневна жалост, Норвешка на пример прогласи петдневна жалост, а Обединетите нации за прв и последен пат во својата историја одржаа седница на Генералното собрание со само една точка на дневниот ред: смртта на Јосип Броз Тито. Таквите изрази на почит не ги заслужи ниту еден друг лидер во историјата на светот.
Само ние, неговите деца, предводени од нашите најковарни карактери, од првите мажи македонски со скапани души и дупки во главите, само ние упорно го молчиме денот на смртта на својот создател. Како и секоја рогата марва, според зборовите на баба ми.
(Авторот е архитект и универзитетски професор)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


