Таравари го обвини Османи дека води проруска политика

Арбен Таравари/ Фото: Архива на Слободен печат

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива е загрижена што Македонија не ги поддржала санкциите на ЕУ кон Русија и го обвинува министерот за надворешни работи Бујар Османи дека води проруска политика. Коалицијата бара Османи веднаш да ја усогласи надворешната политика со таа на ЕУ.

– Крајно сме загрижени за неусогласеноста на надворешната политика на Република Северна Македонија со онаа на ЕУ, особено во врска со европските санкции против Русија во врска со руската агресија во Украина. Земјите кандидати како Северна Македонија имаат законски обврски да се во склад со декларациите на ЕУ и да ги применуваат европските санкции кога тоа се бара од Брисел – рече денеска на прес конференција генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари.

Тој потсети дека во март 2014 година ЕУ воведе ограничувачки мерки против Русија, кои опфаќаат дипломатски мерки, замрзнувања на средства, забрани за патувања, како и економски санкции.

Откако Зоран Заев е премиер, Советот на ЕУ донесе 21 одлука за продолжување и проширување на санкциите против Русија. Владата на Северна Македонија никогаш не е на страната на овие одлуки. Така што владите Заев 1 и Заев 2, полни 21 пат одбиле санкции против Русија. Ова е загрижувачки тренд на оваа Влада. Албанија и Црна Гора се потполно во склад со ЕУ, а од друга страна се Северна Македонија на Зоран Заев и Србија на Вучиќ, кои одбиваат европски санкции против Русија – рече Таравари.

Според него коалицијата е најмногу загрижена што „министер Албанец нѐ стави на страната на Вучиќ, Додик и Путин“.

– На 10 септември 2020 година и на 1 октомври 2020 година ЕУ ги продолжи и прошири санкциите против Русија, а Бујар Османи како министер за надворешни работи во кабинетот на Зоран Заев 2, не е нареден со земјите на ЕУ.  Османи лесно ги обвинува другите дека се испружена рака на Кремљ, но всушност тој откако е именуван успешно ја спроведува про-руската надворешна политика на Димитров. Граѓаните имаат право да знаат како една влада која се произнесува како проевропска и еден министер кој се преправа дека неговото сонце изгрева на Запад, не ги исполнува обврските на земја кандидат за ЕУ, но претпочита да се нареди со Русија? Дали ова е поради тоа што владата ги брани богатствата на луѓе на Путин и слободата на нивното движење или е за да се бранат руските економски интереси во Северна Македонија? – прашува Таравари.

Коалицијата побара министерот  Османи да одговори на овие прашања и веднаш да ја усогласи надворешната политика со таа на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот