„Студентски отпор“ бара средба со министерот, незадоволни се од односот на институциите

Протест на студентите пред Собрание/Фото: Слободен печат/Мето Здравев

„Студентски отпор“ бара средба со министерот за образование и наука и нивни претставници да бидат вклучени во работните тела кои донесуваат одлуки во интерес на студентите. Исто така, тие го искажаа и незадоволство од институциите и, како што наведува во соопшението, „нивниот игнорантски, незаинтересиран однос кон студентите, кој континуирано се зголемува низ годините, а особено изминативе месеци“.

Како што пишува во рекцијата, немаат намера да се откажат се до целосно исполнување на нивните барања и дека ќе настојуваат да ги остварат целите „користејќи ги сите расположливи механизми и средства“.

Покрај барањето средба со министерот и вклучување во работни тела, „Студентски отпор“ бара изедначување на стипендиите (ретроактивна исплата и нов анекс на договорите) и покачување на дневниот износ на субвенционираниот студентски оброк на 160 денари.

Во барањата се наведени и: дигитализација и укинување на т.н. скриени трошоци на факултетите; бесплатен/субвенциониран меѓуградски превоз за студентите; прецизни рокови за започнувањето и реализацијата на најавената реконструкција на студентските домови; стипендирање на студентите на втор циклус студии; модернизирање на лабораториите на природните и техничките факултети и прецизни рокови за започнување и реализација на изградбата на зградите на ФИНКИ и ДИФ.

Ги охрабруваме и повикуваме сите студенти да ни се придружат во нашата борба, бидејќи само сплотени можеме да предизвикаме достоинствени услови за студирање на младите и заедно да ја изградиме иднината, апелира „Студентски отпор“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот