Стручњаците открија: Првите знаци на Алцхајмер се појавуваат во вашите очи

Фото: Pxfuel

Резултатите од една неодамнешна студија, објавена во февруари во медицинското списание „Акта неуропатолоџика“ (Acta Neuropathologica), покажуваат дека првите знаци на Алцхајмерова болест може да се појават во очите.

„Окото е прозорец кон мозокот“, вели офталмологот д-р Кристин Грир, директорка за медицинско образование на Институтот за невродегенеративни болести во Бока Ратон, Флорида, пишува „Си-ен-ен“.

„Можете да видите директно во нервниот систем гледајќи го задниот дел на окото, кон оптичкиот нерв и мрежницата“, додава Грир.

Целта на истражувањето, како што пренесува „Си-ен-ен“, било да се утврди како анализата на окото може да помогне во дијагностицирањето на Алцхајмерова болест пред да се појават симптомите. Стручњаците предупредуваат дека болеста веќе наголемо напредувала до моментот кога се погодени памтењето и однесувањето на личноста.

„Алцхајмеровата болест започнува во мозокот неколку децении пред првите симптоми на губење на меморијата“, вели д-р Ричард Исаксон, невролог специјализиран за Алцхајмерова болест на Институтот за невродегенеративни болести.

Доколку лекарите можат да ја идентификуваат болеста во најраните фази, луѓето потоа би можеле да направат избор на здрав начин на живот и да ги контролираат своите фактори на ризик кои можат да се менуваат, како што се висок крвен притисок, висок холестерол и дијабетес, рекол д-р Исаксон, кој не бил вклучен во истражувањето.

За да дознаат колку рано можеме да ги откриеме знаците на когнитивното опаѓање, во рамките на една нова студија, научниците анализирале донирано ткиво од ретина и мозоци од 86 луѓе кои поминувале низ различни степени на ментално опаѓање.

„Нашата студија е прва што пружа детални анализи на профилот на протеините и молекуларните, клеточните и структурните ефекти на Алцхајмеровата болест врз човечката ретина и како тие одговараат на промените во мозокот и когнитивните функции“, рекла коавторката на студијата Маја Коронио- Хамаоуи, професор по неврохирургија и биомедицински науки на Седарс-Синаи во Лос Анџелес.

Овие промени во мрежницата се поврзани со промените во деловите од мозокот кои се нарекуваат енторинален и темпорален кортекс, центар за меморија, навигација и перцепција на времето, објаснува Коронио-Хамоуи.

Во текот на студијата, истражувачите собрале примероци од ретиналното и мозочното ткиво во текот на 14 години од 86 човечки донори со Алцхајмерова болест и благо когнитивно оштетување, што според авторите, е најголемата група на примероци од ретина што некогаш биле проучувани.

Истражувачите потоа ги споредиле примероците од донори со нормална когнитивна функција со оние со благо когнитивно оштетување и оние со напредна фаза на Алцхајмерова болест.

Студијата открила значително зголемување на бета-амилоидот, клучен маркер за Алцхајмерова болест, кај луѓето со Алцхајмерова болест и рано когнитивно опаѓање.

Микроглијалните клетки се намалени за 80 отсто кај оние со когнитивни проблеми, покажала студијата. Овие клетки се одговорни за поправка и одржување на други клетки, вклучително и чистење на бета-амилоид од мозокот и мрежницата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот