Странски војници-сликари во Првата светска војна го употребувале терминот Македонија

Британскиот сликар Чарлс Франк Трангмар (1889 – 1965) во 1914 година, кога почнала Првата светска војна, се пријавил како доброволец во Кралската армија и бил пратен да се бори на Македонскиот фронт. Претходно тој студирал сликарство на Ликовното школо во Брајтон, а потоа и на Ликовниот колеџ во Лондон. Кон крајот на војната, околу октомври 1918, тој поминал низ Кратово, каде направил скица од која подоцна направил бакрорез. На бакрорезот јасно се чита неговиот потпис и локацијата каде е направена скицата – Македонија.

Два бакрорези на Чарлс Франк Трангмар, заедно со уште педесетина дела се изложени во „Куќата на Уранија“ во Охрид, каде што на 1 август беше отворена изложбата „Слики од странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950“ од приватната колекција на Влатко Милошевски.

Терминот Македонија го употребуваат и сликарите Готхард Бауер, Густав Бајол, Вернер Биркенфилд, Алберт Гартман и многу други, чии дела се колекционирани од Влатко Милошевски.

Покрај отворањето на изложбата, истата вечер беше промовирана и ексклузивната монографија „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“ на авторите Влатко Милошевски и Зоран Андонов. На околу 400 страници во монографијата се претставени 246 биографии на странски сликари и 590 фотографии од нивните дела создадени во Македонија во периодот од 1850 до 1950 година.

Влатко Милошевски е магистер по компјутерски науки, кој работи како сениор-менаџер во научно-истражувачката организација ИМЕК во Ајндховен, Холандија, но како голем ентузијаст и љубител на ликовната уметност веќе дваесет години колекционира дела на странски сликари кои се поврзани со Македонија. Така се појави проектот „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“.

На промоцијата на монографијата и на отворањето на изложбата во „Куќата на Уранија“ во Охрид се обратија авторите Влатко Милошевски и Зоран Андонов, промотор беше историчарот на уметност Милчо Георгиевски, а во улога на домаќин, бидејќи „Куќата на Уранија“ е во сопственост на МАНУ, присутните ги поздрави и академик Љупчо Коцарев.

На присутните Коцарев им се обрати со зборовите дека за иднината на Македонија се потребни две работи – наука и уметност. Науката заради нејзината огромна функција во современото општество, а уметноста за да не бидеме заборавени.

Промоторот Милчо Георгиевски објасни дека со Влатко Милошевски се запознале при реализацијата на изложбата „Македонија низ очите, перото и четката на Едвард Лир, 17-24 септември 1848“, а потоа соработката ја продолжиле и на Лексиконот. Тој посочи дека монографијата е капитално дело на Милошевски, кој во својот живот успеал да ги спои компјутерските науки и уметноста. Потенцираше дека на изложбата во „Куќата на Уранија“ педесетина дела од колекцијата првпат се претставени во живо пред јавноста, а досега можеле да се видат само онлајн.

Видно возбуден поради целиот настан и крунисувањето на 20-годишната работа на колекцијата, Влатко Милошевски се потсети дека првите дела што ги купил на аукција во странство биле од српскиот сликар Никола Петковиќ. Потоа како мозаик ја составувал својата колекција, од која педесетина дела се претставени на изложбата. На собирање на колекцијата вложил околу 30 илјади часови од својот живот. Тој искрено им заблагодари на својата сопруга Марија и двете ќерки Сара и Ева, кои го поддржувале во реализацијата на проектот.

Коавторството на новинарот и фотограф Зоран Андонов доаѓа во моментот кога била донесена одлуката да се направи монографија за дел од ликовната колекција на Милошевски. Во таа смисла, Андонов се вклучил во обликувањето, нивелирањето и стилското прочистување на текстот, за тој да биде појасен и почитлив за пошироката јавност. Лектурата е на Весна Костовска, преводот на англиски јазик на Зора Бушовска, а финалното ликовно обликување го направило графичкото студио „Кома“.

– Кога ќе се создаде убав тим кој работи со голем ентузијазам неминовно излегува убаво дело – радосно констатира Милошевски, додавајќи дека има уште многу епизоди од македонската историја што треба да се истражат.

Изложбата „Слики од странски сликари во Македонија во периодот 1850-1950“ во „Куќата на Уранија“ во Охрид ќе биде отворена за посетители до 5 август, од 18 до 21 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот