Стотици пати помоќниот и покреативен ЏПТ4 ќе визуализира одговори

Интерактивен аватар на самит за вештачка интелигенција во Њујорк - Фотографија ЕПА, Џастин Лејн

Џипити 4 има капацитети да биде многу покомплексен виртуелен соговорник, со способност на внесен текст да одговара со текст, звук, слика или видео

Неполни четири месеци откако го покори светот со четџипити 3, компанијата „Опен АИ“ лансира ново чудо на вештачката интелигенција – стотици пати помоќно и покреативно, способно да одговара со текст, звук, слики или видео.

Компаниите „Опен АИ“ и „Мајкрософт“, кој вложува десетина милијарди долари во проектот, вешто го кријат своето неродено чедо до промоцијата, веројатно до крајот на оваа недела, но штурите најави укажуваат дека ќе има неверојатни способности. Џипити 4 има капацитети да биде многу покомплексен виртуелен соговорник, во споредба со четџипити 3, кој е само „дописник“.

– Ќе го промовираме џипити 4 следната недела. Ќе има мултимодални модели што ќе понудат целосно нови можности, како на пример видеа – истакнал во четвртокот Андреас Браун, техничкиот директор на германската гранка на „Мајкрософт“.

Мултимодалноста се клучниот збор што ја дефинира новата генерација на соговорници со вештачка интелигенција. Додека четџипити 3 на внесен текст од корисникот возвраќаше со текст, ЏПТ4 ќе има способност да одговара со текст, звук, слика или видео.

Првиот човек на „Опен АИ“ Сем Алтман е многу повоздржан и тврди дека новиот производ ќе биде еволуција, а не револуција.

– Луѓето се молат да бидат разочарани и ќе бидат – предупредува Алтман.

Техничката директорка Мира Мурати се согласува дека би било подобро да се избегне глобалната хистерија што го следеше лансирањето на четџипити 3, но укажува дека новата апликација „ќе ги прошири можностите“.

Успехот на ЧЏПТ3 ги поттикна соперничките гиганти „Мета“ и „Гугл“ да го зајакнат развојот на сопствените сродни производи и веќе експериментираат со апликации што може да претворат текст во видео, но тешко можат да ја следат популарноста на машината од „Опен АИ“, чија надградена верзија 3,5 веќе е вградена во пребарувачот Бинг. Извор на весникот „Њујорк тајмс“ тврди дека Бинг веќе е тивко надграден со ЏПТ4.

„Гугл“ има подобри „џебни сезнајковци“, но нема есап да ги сподели

Главната разлика е квалитетот на сервисот, во која ривалите на „Опен АИ“ значително заостануваат и се воздржуваат од отворена битка на пазарот. Кога ботот Бард почна да халуцинира при експерименталното соочување со јавноста, ги урна акциите на „Гугл“ за 100 милијарди долари.

До промоцијата нема да биде познато дали виртуелниот соговорник од новата генерација ќе може да се користи слободно или со претплата. Милијардерот Илон Маск, кој беше соосновач на „Опен АИ“, но ја напушти во 2018 година, ја критикуваше компанијата дека ги прекршува своите принципи за да стекне профит.

– Како што говори и името, „Опен АИ“ беше креирана како непрофитна компанија со отворени извори, за да му биде контратежа на Гугл, но сега стана ултрапрофитна компанија со затворен извор, целосно контролирана од „Мајкрософт“ – порача Маск на Твитер.

Генеративниот преобучен трансформер 4 не е надградба на четири месеци постариот модел, туку е развиван независно. Четџипити 3 стекна 1 милион корисници за само неколку дена и за два месеца надмина 100 милиони. За споредба, на ТикТок за таква популарност му беа потребни 9 месеци, а на Инстаграм две и пол години.

Разликата меѓу двете генерации е неверојатна. Ако тројката може да пишува есеи и општи програмски кодови, четворката би можела да напише, каже или прикаже пообемни и покреативни одговори, како романи и посложени кодови, избегнувајќи ги повремените „халуцинации“ на својот претходник. Четџипити 3 е монструозно комплексна јазична машина, која е тренирана на 45 терабајти текст и 175 милијарди параметри. За ЏПТ4 се шпекулира дека е тестирана на повеќе од 100 билиони параметри. Алтман вели дека шпекулациите се претерани, но не кажува колку било длабоко образувањето на новиот производ.

Со вакво темпо на развој, кога моќта се зголемува стотици пати за четири месеци и со поиновативна способност за самонадградување, може само да се нагаѓа кога ќе пристигне петтата генерација, па и кога ќе дојде моментот на сингуларност, кога „вештачката општа интелигенција“ (АГИ) ќе се изедначи со природната и ќе може да мисли, размислува и да дејствува како човек. Експерти веруваат дека сингуларноста нема да биде достигната до 2050 година, но оваа процена се менува со секој нов производ на пазарот.

Експертите ја успокојуваат јавноста истакнувајќи дека вештачката интелигенција, колку и да е моќна, никогаш нема да може да ја замени природната, туку само ќе помага за решавање комплексни проблеми, како што дигитроните ги олеснуваат пресметките, но не знаат зошто се потребни. Но, никој не знае што би се случило ако од вештачката интелигенција биде побарано да се надградува самата, зашто се верува дека при такво сценарио ќе тргне во сопствена насока, создавајќи вредности и капацитети што не се разбирливи за човекот.

Поврзани наслови:

Маршира новата генерација виртуелни сезнајковци

Дигиталните мозоци и челичните мускули може да создадат армија невработени и супербогати команданти

Заборавете го Гугл, јас сум вашиот нов помошник Бинг!

Ботот на „Мајкрософт“ почна да се однесува чудно: Се заканува, лаже, кажува расистички вицови

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот