Дигиталните мозоци и челичните мускули може да создадат армија невработени и супербогати команданти

Реална е опасноста дека технолошката револуција испразни многу канцеларии - Фотографија Profimedia

Развојот на технологијата овозможуваше машините да ги преземат на себе автоматизираните процеси, но подемот на вештачката интелигенција веќе ги загрозува и работниците на покреативни места, особено автори на рекламни пораки, трговци, брокери, програмери-почетници и новинари

Новите виртуелни соговорници што гигантите „Алфабет“ и „Мајкрософт“ настојуваат да ги вклучат во пребарувачите и другите софтверски пакети може да предизвикаат голем бран отпуштања и да го зголемат уште повеќе јазот во прераспределбата на богатството, предупредуваат американски економски експерти.

Развојот на технологијата овозможуваше машините да ги преземат на себе автоматизираните процеси, но подемот на вештачката интелигенција веќе ги загрозува и работниците на покреативни места, особено автори на рекламни пораки, трговци, брокери, програмери-почетници и новинари. Експертите стравуваат дека бранот отпуштања во овие професии нема да биде единствената последица од проширената улога на вештачката интелигенција. Намалените трошоци од отпуштањето работници со повисоки примања, ќе ѝ овозможи на нова генерација технолошки гиганти да заработат милијарди долари.

– Вештачката интелигенција ќе збрише многу сегашни професии, како што се случуваше и при изминатите технолошки револуции. Но, главното прашање е дали промените на работните места ќе ја продлабочат нееднаквоста? Дали вештачката интелигенција толку многу ќе ја зголеми продуктивноста за да создаде нови работни места и да овозможи повисок стандард наспроти првичниот бран отпуштања? – вели Лоренс Кац, професор по економија на труд на Универзитетот Харвард.

Чистка по канцелариите

Ану Мадгавкар, која води истражувања на труд на Глобалниот институт Меккинси, проценува дека вештачката интелигенција ќе биде неодминлива за една четвртина од сите работни места во САД, што не значи и дека ќе ги истисне работниците, туку само ќе ги принуди да научат да ги ползуваат технолошките новитети.

Таа укажува дека за разлика од претходните индустриски револуции, кои претежно ги погодуваа физичките работници во погоните, оваа ќе се одрази на работните места во канцелариите.

– Најмногу ќе ги погоди канцелариските работници, продажбата и давањето услуги за корисници. Тоа се професиите во кои најмногу ќе се автоматизира работниот процес и во кои ќе има најголеми поместувања на трудот. Работниците ќе мораат да се прилагодат или да изучуваат други вештини – додава експертката од Меккинси.

Тоа би значело дека новата револуција ќе погоди работници со релативно високи примања. Многу посигурни би биле работните места на кои се бара и физичка сила, барем до значителен развој на роботската технологија.

– Новите технологии ќе ги погодат канцелариските работни места. Тешко дека вештачката интелигенција и роботите ќе можат подобро да одржуваат хигиена на простории отколку професионален чистач. Во рестораните машините може да примаат нарачки, но нема преку ноќ да видиме како армија роботи послужуваат храна по масите – вели Мадгавкар.

Таа не ја исклучува можноста дека вештачката интелигенција може да поттикне канцелариски работници да совладаат нови вештини за да се кренат на повисока позиција, која нуди поголеми примања.

Распределба на профитите

Има многу прашања на кои експертите засега имаат спротивставени одговори: Дали виртуелните соговорници ќе ги заменат луѓето во центрите за повици или само ќе ги хранат со информации за да одговорат побрзо и попрецизно? Дали вештачката интелигенција што може да препознае канцер на снимки ќе ги замени радиолозите или само ќе им помогне да се концентрираат на интерпретирање на посложени случаи? Дали програмите ќе ги заменат новинарите што пишуваат извештаи за спортски натпревари или за дневните движења на акциите на берзите?

Вилијам Спригс, професор по економија на Харвард, смета дека вештачката интелигенција може да им помогне на работодавачите да издвојат за себа поголем дел од профитот.

– Ако им помогнете да бидат попродуктивни, работниците би требало да заработуваат повеќе. Компаниите не сакаат дискусии за поделба на ползата од новите технологии. Тие повеќе би сакале да ги избезумат работниците со закани дека ќе бидат заменети од машини. Тие сакаат да признаете дека сте благодарни што воопшто имате работа и што за неа ви плаќаат кикирики – вели професорот Спригс, кој е и главен економист во главната трудова федерација во САД.

Професорот потсетува на искуствата од револуцијата во автомобилската индустрија пред повеќе од половина век, кога автоматизацијата ги зголеми продуктивноста и профитот, но воедно беа зголемени и платите на работниците.

Дејвид Аутор, професор по економија на Технолошкиот институт Масачусетс (МИТ) вели дека сѐ уште е рано да се проценува какви ефекти ќе имаат виртуелните соговорници и вештачката интелигенција воопшто врз производствените процеси и пазарот на трудот.

– И денес немаме доволно луѓе за работните места. Загрижен сум поради прераспределбите. Загрижен сум дека примената на вештачката интелигенција ќе поттикне спуштање на критериумите за многу работни места и ќе спушти многу работници на позиции со пониски примања, на пример од канцеарии во производството на храна – вели професорот Аутор.

Потреба за силни синдикати

Вклучувањето на вештачката интелигенција носи и потенцијал за отворање нови работни места, како и за намалување на товарот што сега го трпат работниците. Креирањето на првите компјутери отвори сосема нова гранка – информатичката индустрија, која денес е една од најмоќните на светско ниво. Вештачката интелигенција може да отвори инженерски и менаџерски позиции во услужните дејности.

– Би било многу подобро наместо да бидат отпуштени работници поради воведувањето на вештачката интелигенција, да им се намали работното време, да работат по четири или по три дена неделно наместо по пет.Намалувањето на работните часови е подобар одговор на сеизмичките технолошки промени – вели Џулиет Шор, економистка од Бостон колеџ.

Таа додава дека треба да се направат напори за да се спречи продлабочувањето на јазот на примања, за кој вели дека нема да може да се надмине ни со воведување универзален основен приход.

Истражување од Франција што покажува дека големите коропрации што вклучиле роботи во производствениот процес отвориле повеќе работни места. Канадски компании што вклучиле роботи го намалиле бројот на шефови и го зголемиле бројот на работници во производството. Во САД компаниите што вклучиле роботи ги кренале платите, но отпуштиле дел од работниците.

Главното прашање, според Кац, е како ќе се распределува очекуваниот повисок приход од зголемената продуктивност.

– Сѐ зависи од тоа колку ќе биде зголемена продуктивноста. Ако одговорот е многу, тогаш ако се издвои и мал дел од профитот компаниите може да ги задржат работниците и да ги зголемат платите. Но, тоа е малку веројатно во сегашните услови. Затоа работниците мораат преку свои претставници да се вклучат во процесот и да бидат важен елемент во прилагодувањата. Тоа се случи во земји што имаат посилни синдикати и здруженија. Ние во Америка заостануваме на тоа поле – вели Кац.

Џули Шах од МИТ вели дека соработува со работодавачи за да им помогне да ги искористат вештачката интелигенција и роботите за да ја зголемат креативноста и продуктивноста на работниците, а не за да ги заменат.

– Некои компании сакаат целосно да ги исфрлат работниците од погоните и да ги заменат со роботи, но други разгледуваат како роботите може да им помагаат на луѓето, зголемувајќи ја продуктивноста и оставајќи им време и енергија за иновации и креативни решенија – вели професорката од МИТ, шефица на Групата за интерактивна роботика во Лабораторијата за компјутерски науки и вештачка интелигенција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот