Стипендиите „Борис Трајковски“ за школување во „Нова“ отвораат нови образовни видици и животни искуства

Идните средношколци да не се плашат од непознатото, да се соочат со предизвикот и да се пријават за стипендијата „Борис Трајковски-НОВА“ која ќе им овозможи четиригодишно школување во Меѓународното училиште „Нова“ и ќе им ги отвори вратите кон најреномираните светски универзитети. Ова е пораката на досегашните добитници на оваа стипендија до сите основци кои сакаат да стекнат нови искуства и да се вклучат во поразличен систем на образование и организација на наставата.

Конкурсот за пријавување за програмата за стипендирање „Борис Трајковски“ ќе започне од 2 декември и ќе трае до 8 декември, а подетални информации за процесот на пријавување и селекција може да се најдат на линкот https://nova.edu.mk/bt-scholarship.aspx.

Четиригодишните стипендии ги доделува училиштето „Нова“ во соработка со фондацијата „Борис Трајковски“ 17-та година по ред и за неа може да конкурираат сите деветтоодделенци. Споделувајќи ги личните искуства за процесот на аплицирање и селекција, досегашните добитници истакнуваат дека станува збор за неверојатно искуство кое освен потврда за нивните способности, им донело и многу нови пријатели. Борис Стојановски од Штип е еден од тројцата ученици кои лани најуспешно ја поминаа селекцијата и ја доби оваа стипендија. Тој решил да конкурира за стипендијата откако самиот истражувал како се одвива наставата во „Нова“ и бил воодушевен од начинот на работа, луѓето од училиштето и од можностите кои оваа образовна институција им ги нуди на своите ученици по завршувањето на средното образование.

Борис Стојановски

За процесот на селекција по аплицирањето, Стојановски вели дека бил детален и барал многу труд за да стигне до крајот, но презадоволен е од сѐ што успеал да научи додека траела селекцијата.

За првиот круг се подготвував пишувајќи многу есеи. За вториот круг не требаа подготовки, но јас сепак решавав многу математички задачи. Начинот на тестирање во вториот круг беше многу шаренолик и ме воодушеви тоа што нѐ тестираа за многу различни вештини и знаења, односно немаше конкретен тест по некој предмет. Кога дознав дека успеав да влезам во „Нова“, бев многу изненаден и секако пресреќен. И денес сѐ уште не можам да поверувам дека успеав во мојата цел и ја добив стипендијата – вели Стојановски.

Од четирите години што треба да ги помине во „Нова“ очекува да добие одлично образование и многу нови знаења што ќе го подготват за предизвиците во иднина, но и многу нови пријателства кои успеал да ги создаде уште на почетокот од оваа учебна година. Стојановски ги охрабрува сите заинтересирани деветтоодделенци да конкурираат без да се плашат од непознатото.

Ако им е потребна накаква помош, јас сум тука за да им помогнам. Верувам во сите што ќе конкурираат и многу сум среќен што многумина се заинтерисирани за оваа можност да станат дел од училиштето Нова – истакнува Стојановски.

Јана Јоксимовска од Скопје е ученичка во трета година во „Нова“ благодарение на добиената стипендија. Конкурирала од љубопитност, сакајќи да види како изгледа таков натпревар со врсниците, но и да го провери своето знаење. Процесот на селекција воопшто не го доживеала како тежок, туку напротив, како многу интересен и забавен бидејќи постојано се дружеле со останатите апликанти. Вели дека го дала максимумот, но сепак била многу изненадена кога го видела нејзиното име меѓу добитниците на стипендијата.

Јана Јоксимовска

Школувањето во „Нова“ е различно од другите училишта. Бирањето предмети, пристапот кон различни наставни програми и големиот избор на вонучилишни активности и натпревари се само некои од придобивките, како и неверојатната посветеност на наставниците. Начинот на работа и учење во „Нова“ ве подготвува за натамошните предизвици во животот – објаснува Јоксимовска.

Ученичката од втора година Галена Јованоска уште додека била во основно училиште знаела дека ќе конкурира за стипендијата за да се школува во „Нова“, под влијание на нејзините двајца братучеди кои во изминатите години биле дел од ова училиште. Процесот на селекција го поминала лесно бидејќи, како што вели, бил долг, но задачите не биле невозможни, а барањата од кандидатите биле реални. Била пресреќна кога дознала дека токму таа е еден од тројцата финалисти меѓу огромниот број кандидати, а очекувањата целосно ѝ се исполниле.

Галена Јовановска

За најголема придобивка од стипендијата го смета тоа што школувањето во „Нова“ многу ѝ го зголемило изборот на универзитети дома и во странство каде може да го продолжи своето образование, првенствено благодарение на IB-програмата во училиштето, но и на посветеноста на училишната администрација и професорите во подготовките за аплицирање на факултет.

За конкурсот за стипендиите „Борис Трајковски“ не може да се подготвите пред време, таму од вас се очекува да се покажат знаењата собрани дотогаш, од целиот живот. На сите кои сакаат да се пријават за стипендијата би им препорачала да не се сомневаат во себе си и во сопственото знаење, да се трудат, да бидат сестрани и да го сметаат секое искуство како шанса да научат нешто ново – порачува Јованоска.

За да им овозможи повеќе информации за програмата за стипендирање и да им ги даде потребните насоки за подготовка на материјалите, „Нова“ ќе организира информативна онлајн средба за ученици која ќе се одржи на 2 декември во 18 часот. Заинтересираните ученици треба да се пријават на линкот најдоцна до 30 ноември.


Комерцијален ПР текст

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот