ССМ: Арсовска да не шири паника, лага е дека на скопјани ќе им биде исклучена водата

Доколку штрајкуваат вработените на ЈП „Водовод и канализација“ нема да има затворање на вентили, туку доколку дојде до пукање на цевка ќе нема кој да ја поправи, ќе нема кој да се грижи за пумпите за вода, ќе нема кој да ги управува машините и алатите, ќе нема кој да ја одржува водоводната мрежа.

Затоа, како што велат од Сојузот на синдикати на Mакедонија градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да не шири паника, туку да помогне во борбата за остварување на правата на работниците и да ги спречи оние кои ги прекршуваат, а во спротивно ќе се потврдат фактите дека работничките права се кршат по нејзин диктат од нејзините шерифи кои за потсетување оставија повеќе од 1000 работници во ЈСП без плата, а сега сака да остави повеќе од 1000 работници во ЈП „Водовод и канализација“ без работа доколку не се послушници на нејзиниот в.д директор.

Ова е реакцијата на Сојузот на синдикати на Македонија по прес конференцијата на
Арсовска на која таа, според ССМ, искажува лага дека синдикатот на скопјани ќе им ја исклучи водата. Според ССМ тоа е обид да се скрие незаконското постапување на в.д директор во „Водовод и канализација“ Марјанче Митовски и да се избега од одговорност за незаконското работење.

Очигледно за градоначалничката Арсовска, флагрантното прекршување на законите утврдено од државни органи е само констатирана техничка грешка, што претставува крајно непознавање на прописите и навреда за работниците, а покрај инспекциските служби, неправилности едногласно утврди и Управниот одбор на јавното претпријатие со што 93 вработени, за кои Митовски лично сметал дека се непотребни да работат во претпријатието, ќе бидат вработени согласно предходниот оглас за продолжување на нивните договори за вработување до крајот на 2022 година – реагираат од ССМ.

Оттаму додаваат дека се укинати и незаконските задолженија на над 30 вработени во претпријатието. Синдикатот прашува каде Арсовска гледа политика во борбата за работнички права, кога сите надлежни служби и институции утврдиле прекршувања на законот и Колективниот договор на штета на работничките права.

Срамно и жално е во време на ваква економска криза, градоначалничката на Скопје да се обидува да профитира од лажни вести и да се влева дополнителен страв кај граѓаните кои едвај го поминуваат месецот и секојдневно се заглавуваат во долгови, а работниците во јавните претпријатија да живеат во страв и паника за нивната егзистенција и работа, поради тоа што Арсовска е немоќна да се справи со политичарите од една страна и нејзините неспособни менаџери од друга страна, а одбира битка со работниците и нивните претставници – велат од Синдикатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот