Србија се сеќава на жртвите и прогонетите во „Бура“ – Хрватска пред 26 години ја исчисти Српска Краина

Прогон на Србите од Книн 04.08.1995/ Фото: EPA/SASA STANKOVIC

Вечерва во земунската населба Бусије се одбележува Денот на сеќавање на настаданите и протерани Срби од некогашната Република Српска Краина во вооружената акција „Бура“ која во 1995 година беше изведена од страна на воените формации на Хрватска, која покрена колони прогонети Срби да дојдат во Србија пред 26 години.

На собирот е присутен и претседателот на Србија Александар Вучиќ, како и министри од владата предводени од премиерката Ана Брнабиќ, но и патријархот Порфириј и други црковни великодостојници.

Со минута молчење одадена им е почит на сите настрадани луѓе во текот на акцијата „Бура“, а беа интонирани и химните на Република Србија и Република Српска.

На собирот се обрати и српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик кој порача дека во злосторничката акција „Бура“ 250.000 Срби се протерани од вековните огништа, а 2.000 луѓе настрадале, пред се жени и деца. Тој потенцираше дека станува збор за страдање од библиски размери, само едно од низата страдања на Србите на тие простори.

– Нашиот народ е напатен, рече Додик и додаде дека српскиот народ е слободарски, а таа слобода секогаш ја делел со другите. Тој рече дека не може да замисли некој српски политичар да го изјави истото што го кажал Фрањо Туџман, а тоа е дека „трева да се зададат такви удари за Србите практично да исчезнат“.

Српскиот патријарх Профириј одржа богослужба, по што се обрати пред насобраните со потсетување дека Србите страдале и пред „Бура“, уште од задарската Кристална ноќ. Тој потсети и на  усташките злосторства од Втората светска војна, од Глина до Јасеновац.

Тој рече дека човекот е поразен, а Бог изневерен, укажувајќи на тоа колку Краина е денеска пуста.

-Бог не брои чии жртви има повеќе, а чии помалку. Без разлика да се викаат Јован, Јозеф или Јусуф, нагласи Патријархот на СПЦ.

На платото пред црквата во Бусије каде се одржува свеченоста се насобрани неколку илјади граѓани од сите делови на Србија.

Таму се и лидерите на Србите од Црна Гора, водачите на Демократскиот фронт Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, како и претставници на Српската листа од Косово.

Во хрватската вооружена акција „Бура“ насилно се протерани над 250.000 луѓе, а убиени се околу 2.000 Срби.

„Бура“ започна на 4. август 1995 година со напад на хрватската војска и Хрватскиот совет за одбрана врз Република Српска Краина, поради што секоја година тој датум се одбележува како ден посветен на настраданите и прогонетите Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот