
Совеста „не работи“, а законот не дава можност да се плаќа двојно повисока цена за прекумерно трошење вода
На прашањето до ЈП „Водовод и канализација“ дали досега побарале да се воведе скалесто плаќање вода според потрошувачката, како што е тоа, на пример, со цената за струја, оттаму велат дека законот не го дозволува тоа.
Скопје летово се соочи со огромен проблем во водоснабдувањето. Потребите на населението не може да ги задоволи ниту Рашче ниту петте бунари во Нерези и Лепенец, па иако тие работат на максимум, сепак голем дел од населбите цел месец имаат вода само по неколку часови и тоа ноќе.
Препорачано
Трошењето на вода за пиење и дивите приклучоци очигледно не може никој да ги спречи, а според ЈП „Водовод и канализација“ тоа е главната причина зошто дел од градот останува без вода. Засега нема законска можност на оној што редовно ја плаќа водата да му се ограничи колку ќе троши, освен да се апелира да биде совесен, што се покажа дека не помага многу.
За дивите приклучоци, пак, казните се премногу ниски за да ги предомислат несовесните граѓани да не ја користат водата нелегално. На пример, доколку се открие див приклучок на водоводната мрежа поставен од физичко лице, казната е само 200 евра. Од „Водовод и канализација“ велат дека во повеќе наврати преку Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ, но и самостојно, доставиле барања до Министерство за правда и до Владата за воведување регулативи и казни за бесправно користење на вода за пиење.
Притоа, како што веќе е познато, загубата на произведената вода низ водоводниот систем со години е голема и досега не се реши, а како што посочуваат од „Водовод и канализација“, проблемот со водата се усложнува и со преголемата урбанизација, која не соодветствува со постојната водоводна инфраструктура.
Пржинци секој ден со часови се без вода, се закануваат дека нема да ги платат сметките за јули
На прашањето до јавното претпријатие дали досега побарале да се воведе скалесто плаќање вода според потрошувачката, како што е тоа, на пример, со цената за струја, оттаму велат дека законот не дава таква можност.
Во врска со прашањето за определување на различни категории на цени за различна потрошувачка, согласно член 32 од Законот за утврдување на цени на водни услуги („Службен весник на РМ“ бр.7 од 18.01.2016 година), со денот на започнувањето на примената на Методологија за определување на тарифите за давање водна услуга, престана да важи членот 6 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија” број 68/2004, 28/2006, 103/2008, 17/11, 54/11, 163/13, 10/15 и 31/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 21/21), во кој беше предвидена можноста Советот на Град Скопје да донесе одлука со која потрошувачката на водата за пиење ќе ја определи како просечна потрошувачка по член на семејно домаќинство, а цената за секој кубен метар потрошена вода за пиење над просечната потрошувачка (прекумерна потрошувачка на водата за пиење) да се зголеми за два пати – велат од „Водовод и канализација“ посочувајќи дека цената на услугите кои ги дава претпријатието ги утврдува Регулаторна комисија.
Од Регулаторна комисија за енергетика информираат дека заедно со сите водоводните претпријатија во земјава подготвуваат предлог за законски измени, со кои би се овозможило конечната цена за водата да ја определува РКЕ, како што е тоа за цената на парното, струјата и природниот гас.
Досега има еден посложен систем за определување на цената на водните услуги. РКЕ носи одлука со која се определува минимална и максимална цена за секоја соодветна водоводна услуга што ја даваат водоводните претпријатија и потоа врз основа на нашата одлука, управниот одбор на претпријатието во рамките на овој опсег носи одлука за цена, која потоа се доставува до Советот на Општината на усвојување. Очигледно тоа е посложен процес, има и политички влијанија и не секогаш се носат одлуки што се во интерес на водоводните претпријатија, но и во интерес на потрошувачите – вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Доколку се направат законски измени, тогаш одлуката за цената донесена од Регулаторна комисија, би била конечна и задолжителна за водоводните претпријатија. Според Бислимоски, тоа би довело до стабилно и сигурно водоснабдување.
Веруваме дека така ќе обезбедиме повеќе инвестиции во водоводната инфраструктура во државата имајќи предвид дека сега имаме лоша ситуација каде што на државно ниво имаме загуби на вода од 64 проценти. Веруваме дека со овој нов концепт ќе се придонесе за нови инвестиции во оваа инфраструктура, која е стара 50-60 години, некаде и 70. Со тоа ќе се овозможи намалување на загубите за вода, а ќе се намали и процентот на ненаплатена вода. На тој начин ќе има стабилно и сигурно водоснабдување, а заради намалување на загубите, нема да има драстични зголемувања на цената на водните услуги, бидејќи ќе се зголеми процентот на неприходувана вода. Тоа е нешто што досега го нема. Ако се намали трошокот за загуби, тие пари ќе можат да се користат за нови инвестиции – објаснува Бислимоски.
Во изминатиот исклучително топол период од ЈП „Водовод и канализација“ речиси секојдневно апелираа за совесно и рационално трошење на водата. Ваков апел до јавноста не е стигнат во изминатите два дена, што укажува дека состојбата со снабдување со вода донекаде е стабилизирана.
Но, како што предупредија на последната седница на Советот на Град Скопје, состојбата ќе се влошува од година в година, па затоа мора да се размислува за алтернативни извори за водоснабдување на Скопје, како што се на пример Врело и Патишка река.
ЈП „Водовод и канализација“ извршува мониторинг на алтернативни извори за водоснабдување на Град Скопје. Овие активности Секторот за санитарна контрола ги спроведува по основ на склучени договори со Град Скопје со цел исполнување на програмата за заштита на животната средина за 2025 – велат од претпријатието.