Социјална патологија на четири тркала

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Сите ние сме по малку влезени во налудничавото возење по скопскиве улици, брзаме предвреме да се сретнеме со својата и туѓите судбини, нервозни, деконцентрирани, невнимателни, нељубезни, многумина и прилично цврцнати… Илјадници – велат полициските статистики – немаат ни возачки дозволи, а на стотици автомобилите последен пат им виделе техничка регистрација со прекланскиот снег.

Прилично одамна поседувам еден џип, форд експлорер (црвен, спортска едиција!), кој годинава го тера своето уредно регистрирано 32-ро лето откако е произведен. Своевремено, го набавив, со мала помината километража, од една прекрасна – и како човек и како врвен дипломат –  германска амбасадорка во земјава која го купила за време на својот дипломатски стаж во Њујорк, а потоа амбасадорски го возела во една живописна африканска земја, пред да дојде на служба во земјава. (Таа, во секој поглед, грамадна жена, вистински врвен интелектуален и вински коносер, повеќе физички не е со нас, но сигурен сум дека сѐ уште е во мислите на многумина овдешни нејзини пријатели…)

Тој модел на форд, во 90-тите од минатиот век, беше најпродаваниот џип во „Земјата на погонот на 4 тркала“, САД. Станува збор за неспорен ѕвер: тежок околу два-три тони (зависно како сум се најал дента), со мотор од 4,5 илјади кубици и сѐ уште респектабилни 150-160 коњски сили, дига стотка за помалку од 10 секунди (зависно како сум се најал дента), а сум корнел дрва со него, заврзани за задната кука, за кои и багери добро би се замислиле!

Имам неколку пријатели и познаници кои, колку што ме молат, уште повеќе ме колнат што не сакам да им го продадам, ама јас им велам да не се секираат, бидејќи како старее, фордот станува сѐ поскап, па планирам кога еден ден ќе им го понудам на наддавање, покомотно да проживеам барем неколку пензионерски години, оти од државната пензија што би ми следувала не ќе можам ни еднаш месечно до бензинска да го провозам.

Елем, за што е целава приказна…

Мојот форд експлорер има една мала, но опасна тајна: предниот одбојник (браник, де!) му е, на прв поглед, од некаква композитна пластика, што ли, но ако се наведнете и погледнете зад таа маска, ќе видите дека под неа има една бабачко дебела метална шипка што повеќе наликува на трамвајска шина!

Е, па, потсвесно, таа шина е причината поради која џипот поретко го возам по скопскиве улици: ако се случи на време да не притиснам на сопирачките, со него би можел со леснотија да влезам до предните седишта на кој било модел од денешниве налицкани и скапи автомобилски ламарини што се тркалаат низ градов. Фордот не би се ни огребал, ќе треба само предната табличка да му ја испеглам! Ако ме разбирате што сакам да кажам…

Вообичаено, јас фордот си го возам како Драјвинг Мисис Дејзи, полецка и внимателно, но понекогаш, макар на миг, си мислам дека џипов е адекватното оружје за воведување ред во сообраќајниов хаос низ Скопје! Уште ако му заварам и некаков гусен радијатор напред на шината, баш би бил добар за корегирање на агресијата со која се вози низ градов: како не ми налета некој од овие што јурат по улициве, што се паркираат кој каде ќе стигне, што возат „без раце“ додека разговараат-на-телефон-пушат-цигара-и-чачкаат-нос истовремено, што семафорите и пешачките премини ги третираат како необврзни, советодавни сообраќајни помагала, а стотиците други возачи како животни непријатели кои им го успоруваат патот до следното кафе што треба некаде да го испијат…

А, веќе следниот миг морници ме облеваат, си велам – каква атавистичка, агресивна будала мора да сум и самиот што си дозволувам да се изнервирам до мерка да си помислам дека сообраќајната правда може да се земе во свои раце, што сигурно би резултирало со некаква корекција на овдешнава улична демографија. Тоа не може да е начинот!

Зборот ми е, сите ние сме по малку влезени во налудничавиот сообраќај по скопскиве улици (и македонските патишта, воопшто), брзаме предвреме да се сретнеме со својата и туѓите судбини, нервозни, деконцентрирани, невнимателни, нељубезни, многумина и прилично цврцнати… Илјадници – лани дури 24.054, велат полициските статистики – немаат ни возачки дозволи, на стотици автомобилите последен пат им виделе техничка регистрација со прекланскиот снег, а во 2021 година се изречени гротескни 104.703 казни за пребрзо возење!

Оваа општа сообраќајна социјална патологија на четири тркала е штедро помогната и од состојбата на патиштата, од несоодветните или непостоечките знаци и коловозни означувања, но и од јавниот превоз и такси возилата чијашто логика на постоење не би поминалa ни во Кампала (Уганда) пред триесетина години.

Што е, тогаш, решението (а да не морам да швајцам радијатор на фордот)?

Официјалните податоци велат дека просекот на годишно загинатите по македонските патишта и улици опаѓа од година во година, иако е сѐ уште (лани) на високата бројка на по еден загинат секој трет ден во годината. Знаеме, од година во година сообраќајната полиција сѐ поинтензивно казнува и контролира, тие споредбени статистики драстично се зголемуваат, но тоа така мора и да продолжи.

Она што во оваа равенка сѐ уште недостасува е нашата поединечна возачка варијабила. Да, сообраќајните трагедии на секого можат да му се случат дури и кога сите правила се испочитувани – но стопати повеќе кога не се.

Во тој (нашиот) автомобил лежи зајакот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот