Со поместувањето на стрелките на часовникот се изместува здравјето на луѓето

Зимско сметање на времето/ Фото: МИА

Практиката е секој последен викенд во октомври часовникот да се поместува на зимско сметање на времето, а ова прашање е регулирано со Законот за пресметување на времето. Поместувањето на часовникот се случуваат двапати годишно, во март и во октомври.

И секогаш се наметнува прашањето: Како поместувањето на летно или на зимско сметање на времето влијае на човечкиот организам?

Многумина не знаат дека студиите покажале дека движењето на стрелките на часовникот го нарушува циркадијалниот ритам во човечкиот ритам. А, исто така, поместувањето на часовникот ќе се одрази на расположението и нивото на енергија.

Циркадијалниот (деноноќниот) ритам е биолошки ритам во организмот на човекот, кој регулира многубројни неврохуморални процеси во мозокот и на тој начин ги контролира и усогласува дневните, ноќните и низа други функции на сите најважни органи во телото. За циркадијалниот ритам е многу важно повторувањето на обрасците на дневните активности, а за човекот да се чувствува добро, овој ритам треба да биде стабилен.

Некои студии велат дека не треба да се нарушува тој деноноќен ритам, тоа е нашиот биолошки часовник, кој точно препознава кога што треба да се направи, колку треба да спиете, колку време е потребно за сите биолошки процеси и процеси на репарација, кои се неопходен за сон и кои се случуваат додека спиеме, да се извршат. Се разбира, кога тоа ќе го прекинете на еден „насилен“ начин, тогаш тоа не му го годи на организмот.

– Циркадијалниот ритам го претставува нашиот биолошки часовник, цикличните промени на функциите во телото кои се случуваат во текот на 24 часа. Сите функции кои се повторуваат во одредени периоди, како што се периоди на будност и сон, лачење на хормони и температурата на телото, се регулирани токму со него. Нашиот часовник е всушност „навиен“ во склад со периодите на светлината и сите наши процеси по физиолошките услови функционираат благодарение на овој ритам. Нашиот организам минува низ целодневен циклус на функции кој трае 24 часа и можеби некои 15 минути – вели д-р Хрнчиќ, специјалист по интерна медицина.

Поради пократките денови и недостатокот на дневна светлина, можно е некои почувствителни луѓе да се чувствуваат уморни, летаргични, со посилен апетит, нарушување на спиењето и зголемена желба за консумирање слатки.

Секоја промена или нарушување во нашиот природен циклус може да предизвика и намалена продуктивност и губење на интерес за работа. Во овој период често стануваме поподложни на болести и сме поуморни.

Секогаш кога се поместува времето, тоа има влијание врз нашиот организам, бидејќи природниот часовник на нашето тело не се прилагодува веднаш на менувањето на часовникот.

Бидејќи на биолошкиот часовник му треба време да се прилагоди на „нарушениот будилник“, не треба да се чудите денот по поместувањето на часовникот, дека ќе почувствувате силен замор, сонливост, па дури и проблеми со срцето кај постарите луѓе.

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во периодот кога се поместува сметањето на времето, луѓето се најчувствителни и најподложни на депресија. Тогаш се најизразени и нарушувањата во спиењето, а се зголемува и бројот на пациенти со зголемен крвен притисок, па дури и инфаркти и мозочни удари. Една од причините поради која луѓето стресно ја доживуваат промената на сметањето на времето е фактот што најчесто не им е јасно зошто воопшто се менува и како дошло до тоа.

Поместувањето на часовникот влијае на внатрешниот часовник, и може да ја наруши хормонската слика што, пак, предизвикува низа проблеми како што се мигрени, нервоза и депресија.

Поради враќањето на часот наназад луѓето губат енергија и повеќе ги чувствуваат временските прилики.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот