Со францускиот предлог вратата кон ЕУ ви е широко отворена!

Специјален пратеник на Сојузната Влада за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин/Фото: МИА

Знам дека ова е тежок момент за вас сега и за луѓето, но истовремено е и момент што носи одредена надеж во себе. Верувам во македонската политика и во луѓето и оти сите заедно ќе продолжиме на патот кон ЕУ – рече германскиот специјален претставник за Западен Балкан Мануел Сарацин.

Со прифаќањето на францускиот предлог се овозможува веднаш да започне процесот на пристапни преговори на Северна Македонија кон ЕУ, без понатамошни одолговлекувања и без можност за блокади. Германија е на страната на Северна Македонија и ќе се залага европската перспектива на Западен Балкан активно да заживее – изјави германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој вчера пристигна во официјална посета на нашата земја.

На заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, Сарацин рече дека вратата кон пристапување на Северна Македонија во ЕУ со овој договор е широко отворена. За да се влезе низ оваа врата, како што рече, не е лесно, но тоа е одлука на нашата политика и на нашата земја.

– Знам дека ова е тежок момент за вас сега и за луѓето, но истовремено е и момент што носи одредена надеж во себе. Верувам во македонската политика и во луѓето и оти сите заедно ќе продолжиме на патот кон ЕУ. Нападот на Руската Федерација врз Украина покажува колку е важно заеднички да се решаваат проблемите, да се организираме, но и ни покажува дека ништо повеќе не нуди толкава сигурност како да се биде во европските организации, преку европските договори – додаде Сарацин.

Според Сарацин, овој договор е добар бидејќи се земени предвид барањата на Владата на Северна Македонија и предвидува процесот на пристапните преговори да започне веднаш без одолжување. Тој изрази разбирање дека има и критики за предлогот, дека постои грижа за сопствениот национален идентитет, при што потенцираше дека за Германија тој идентитет е многу јасен, но како што рече, со овој предлог нашиот идентитет е сочуван.

– Разбирам дека има недоверба кон бугарската позиција. Во Софија слушнав дека има доверба кон позицијата во Скопје. Јас не можам да ветам каков ќе биде исходот од изборите во Бугарија, но едно е јасно, а тоа е дека сè што може да се реши сега, треба да се реши, бидејќи треба да се обезбедите за поопасни времиња. Не сум убеден дека чекање сега е паметно. Германија и ЕУ ќе направат се за да гарантираат дека патот на Северна Македонија во ЕУ ќе биде отворен – посочи Сарацин.

Вицепремиерот Маричиќ рече дека не треба сами на себе да си поставуваме бариери и дека во вистинските моменти ни требаат мудри и државнички одлуки. Пред нас, рече тој, имаме европски предлог за отпочнување на преговорите со ЕУ, кој ги вклучува сите македонски позиции и забелешки, и тој нуди шанса што сериозно треба да ја земеме предвид.
На прашањето зошто деновиве има набиена дипломатска офанзива во земјава, вицепремиерот рече дека нашата политика се базира на пријателство и на сојузништво и дека е нормално нашите пријатели и сојузници да нè посетуваат во овој клучен момент за државата.

– Мислам дека нема пологичен чекор од тоа да имаме денеска претставник на Германија како наш сојузник и најголем партнер во ЕУ. Нема ништо пологично што вчера го имавме првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел во Скопје. Тоа се наши пријатели и сојузници, кои доаѓаат тука со цел да ја уверат и јавноста во она што ние веќе го говориме повеќе денови – дека овој предлог е навистина подобрен во однос на првичниот, дека излегува во пресрет на сите наши грижи и предизвици или потенцијални замки кои сме ги увиделе во првичниот предлог и дека одлагањето или барањето на подобра предлог нема да ја зајакне нашата позиција – рече Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот