СЛОБОДЕН УДАР: Кошаркарско „Тешкото“ – Слободен печат
Колумни

СЛОБОДЕН УДАР: Кошаркарско „Тешкото“

Недоволната работа на повеќето наши елитни клубови со домашните играчи и фаворизирање на странците е во директна релација со слабите резултати на репрезентацијата. Националниот дрес е светост, но треба да има и кој да го носи и да го прослави.

Кошарката во Македонија веќе подолг периот „напредува“ по системот еден напред два назад. Во тој стил, според наша оценка, се вклопува и новата спогодба помеѓу клубовите и кошаркарите во Првата лига во Македонија. Правилото најмалку тројца домашни кошаркари постојано на теренот за време на мечевите, како што беше минатата сезона, ќе се редуцира, по иницијатива на клубовите. Новото правило за идната сезона е најмалку двајца домашни играчи на теренот (еден помалку од претходно) и тоа само во лигашкиот дел, во Суперлигата и во плејаутот. Во плејофот и во полуфиналето и финалето на Купот, клубовите ќе можат да ги користат сите дозволени четири странци заедно на теренот.

Тоа практично значи, во најважниот дел од сезоната (плејоф и завршница на Купот), кога играчите се здобиваат со најважното искуство, домашните кошаркари изгледа главно ќе ја грејат клупата, а ќе играат странците. А и целата идна сезона домашните ќе бидат „редуцирани“, во споредба со минатата сезона.

Пак клубовите си го истераа своето, иако не потполо како што сакаа. И пак на сметка на домашните кошаркари, на нивното толку драгоцено време на теренот, време што значи создавање квалитет, што  не може да се замени со ништо. Иако овој наводен компоромис се уште не е важечки, односно мора да биде процесуиран низ структурите на КФСМ, изгледа дека работата е готова. Повторно, според нас, на штета на домашните кошаркари.

Ако нашите најдобри клубови не се грижат максимално за создавање играчи, кој друг ќе го прави тоа? Недоволната работа на повеќето наши елитни клубови со домашните кошаркари и фаворизирање на странците е во директна релација со слабите резултати на репрезентацијата. Овој тренд, за кој се понадевавме дека ќе престане, изгледа продолжува со воведување на погоре споменатите измени. Во корист на сопствената штета. Националниот дрес е светост, но треба да има и кој да го носи и да го прослави. Со вакви мерки тоа е се потешко.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close