СЛОБОДЕН УДАР: Еколошки освестени додека не ни се „чепне“ нашето

И така, додека еколошката свест ни се билда по социјалните мрежи, „гласни“ зад тастатурата, вистината е дека малкумина својата удобност и покомфорен живот би го замениле со зеленило, па дури и чист воздух. Има ли воопшто такви?

Последната презентација на Деталниот урбанистички план во Општина Центар, кој го опфаќа просторот на дел од Градски парк и дел од Дебар Маало, уште еднаш покажа многу ниско ниво на еколошка свест кај луѓето. Поточно, секој од нас е еколошки свесен кога тоа не му одзема дел од нешто што си е негово.

Граѓаните засегнати од овој план му порачаа на градоначалникот на Центар дека не сакаат зеленило и паркови, туку сакаат згради и станови за да си ги обезбедат своите деца. Од јасно – појасно! И тоа само затоа што градежните парцели на кои може да се градат згради се намалуваат за 30 отсто, дел кој треба да биде наменет за зеленило. Значи, зацртаните станбени објекти во планот остануваат, со иста висина и катност, но станбената површина се намалува, а со тоа и квадратите што ги добиваат сопствениците од инвеститорот во замена за парцелата. А кој дозволува да му се гризне од колачот?

Ги разбирам луѓето. Секој сака материјално да си ги обезбеди своите деца, особено во вакво време кога за повеќето граѓани купувањето нов стан е невозможна мисија. Тие дури порачаа – што ќе ни е зеленило, тука ни е Градскиот парк!

Слично беше и со заложбите на паркингот кај „Холидеј ин“ – наместо згради да се прави парк. Притоа, никој не помисли на жителите на старото Ново Маало, кои живеат во, благо кажано, нехумани услови, во куќи стари и по 80 години. Нивната надеж е во усвојување на ДУП за овој простор и во инвеститорите кои ќе им овозможат пристојно животно катче. Не верувам дека многу се загрижени за зеленилото околу нив, кога си имаат мака со секојдневната егзистенција.

Во меѓувреме, граѓаните здружени на Фејсбук по групите за заштита на животната средина, воздух, здравје и слично, се претворија во „чуденки“. Летаат жестоки коментари и обвинувања до скопјани што не се откажуваат од својот имот во корист на зеленилото. Зборуваат за повисоки цели, бараат надлежните да најдат решение за аерозагадувањето. И, што е право – се гушиме, ќе „испоцркаме“, а долгорочно решение нема!

На сила се мерките на Владата. Шилегов ги пушти автобусите да возат бесплатно. Цената на паркирањето беше двојно поголема. Но ниту во автобусите се качи човек повеќе од вообичаеното, ниту по улиците се намали бројот на автомобилите. Никој не се откажува од комоцијата. Среќни беа само оние што вчера заштедија пари за билет. Ни загадувањето не се намали, освен што Градот ќе мора да им плати на превозниците за бесплатната услуга. Се разбира, од наши пари.

Во Пекинг, градот што важи за еден од најзагадените во светот, е тестирана кула за прочистување на воздухот, која ги вшмукува штетните ПМ-честички, а испушта чист воздух. Наводно поради нејзината активност воздухот во околината бил за 55 отсто почист од вообичаеното.

Кога кај нас надлежните би се решиле да изградат ваква кула, би настанал проблем. Каде да се гради? Во зеленило никако! – жестоко би реагирале повеќето граѓани. На градежна парцела нема шанса, а станови за децата? – би протестирале другите.

А градоначалниците, нели, треба да ги штитат интересите на сите граѓани. Оди па реши…

И така, додека еколошката свест ни се билда по социјалните мрежи, „гласни“ зад тастатурата, вистината е дека малкумина својата удобност и покомфорен живот би го замениле со зеленило, па дури и чист воздух. Има ли воопшто такви?

Во меѓувреме, преживуваме во Скопје, ги обвинуваме градоначалниците, премиерот, државата, дека ни го узурпираат правото на чист воздух и не ни даваат шанса за здрав живот. Дека не нудат решение, само мерки. И тоа е вистина. Но, не е лошо секој од нас да се погледне и себеси и своите постапки. Можеби уште постои чувството на срам. Или не, којзнае.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот