Што може да очекува Европа од првата жена премиер на Италија?

Џорџа Мелони/ Фото EPA-EFE/ETTORE FERRARI

Италија се подготвува да ја добие првата жена премиер, но и првиот екстремно десничарски лидер по Бенито Мусолини, што го зголемува стравот кај некои европски лидери.

Џорџа Мелони, 45-годишна новинарка родена во италијанската престолнина Рим, е пред историска победа во Италија, откако нејзината коалиција Браќата на Италија, според последните анкети, освои најмногу гласови на изборите. Оваа победа ќе ја направи првата жена премиер на Италија.

Според анкетите, радикално националистичката партија на Мелони, која го следи своето потекло до неофашизмот, ќе биде убедливо најважната од трите главни групи на десницата во следниот парламент со околу 23-24% од гласовите, објаснува „Економист“. Британскиот весник потсетува дека ваквите анкети во минатото биле погрешни во Италија, па така конечниот резултат може да биде малку поинаков, но потребно е „чудо“ за крајниот резултат да биде поинаков од победа за десничарската коалиција.

Браќата на Италија своите корени ги „поставија“ од постфашистичкото италијанско социјално движење (МСИ), кое се сметаше за политички аутсајдер во главните текови на земјата сè додека не беше распуштено во средината на 1990-тите.

Но, како што пишува Ројтерс, тоа остана во минатото. Мелони на овие избори забележа огромен раст во бројот на освоени гласови за разлика од поразителните 4% на изборите во 2018 година.

„За многумина од нас ова е ноќ на гордост, искупување, солзи, прегратки, соништа и спомени“, им рече таа на членовите на партијата и на новинарите, стоејќи пред контроверзното лого на Браќата на Италија.

Мелони во нејзиниот победнички говор се осврна на две клучни прашања, ситуацијата во Италија и односите со ЕУ.

„Ситуацијата на Италија, на ЕУ, сега бара придонес од сите“, рече таа.

Таа објави порака на уверување, обоена со енергичен национализам.

„Ако сме повикани да управуваме со нацијата, ќе го сториме тоа за сите: да го собереме народот, воздигнувајќи го она што обединува, а не она што го дели, давајќи им на Италијанците гордост што ја вее тробојката (италијанското национално знаме)“.

Иако некогаш беше позната како евроскептик, Мелони сега нагласува дека сака да соработува со Брисел. Таа е солиден поддржувач на Украина во нејзиниот конфликт со Русија.

Џорџа Мелони/ Фото EPA-EFE/ETTORE FERRARI

Што да очекува ЕУ?

Животот за некои од европските лидери за време на владеењето на поранешниот италијански премиер, Марио Драги, може да се оцени како „релативно лесен“, посебно кога станува збор за францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц. Искуството на економистот Драги ѝ помогна на Европа во неколку наврати, но според зборовите на 45-годишната новинарка, подготвена да стане премиерка на Италија, „забавата за Европа заврши“.

Бројните контроверзни изјави на Мелони често беа критикувани од страна на левичарските лидери од ЕУ.

Во говорите низ годините Мелони „удри“ по илегалните имигранти и „ја разбуди идеологијата“.

Таа им рече на американските конзервативци дека „целиот наш идентитет е нападнат“ и ја обвини Европската унија дека е соучесник во етничката „замена“.

Таа го брани и му се восхитува на Виктор Орбан, популистичкиот премиер на Унгарија.

Подемот на Мелони го следи успехот на шведските демократи, кои минатата недела ја прогласија победата на изборите во таа скандинавска земја. Марин Ле Пен во Франција освои 41 отсто од гласовите во нејзината трка против Емануел Макрон во април. Сето ова се знаци на моќна промена на европската рамнотежа кон националистичката тврда десница. Заситени од неуспесите на етаблираните партии, гласачите се осврнуваат кон „неиспробаните и непроверените“ политичари, смета познатиот британски весник „Економист“.

Мелони – Орбан/ Фото Твитер

Бог, семејство и татковина – Која е Џорџа Мелони?

Пријателите на Мелони ја опишуваат како одлучна, тврдоглава, саркастична и со остроумна вештина да ги отфрла своите непријатели, особина која ја развила откако била малтретирана поради нејзината тежина како дете, пишува британски „Гардијан“.

Родена и израсната во Гарбатела, област на работничката класа во Рим, Мелони се вклучила во политиката на 15-годишна возраст откако се регистрирала кај Фронте дела Џовенту, младинското крило на италијанското социјално движење (МСИ), партија основана од Џорџо Алмирате, кој бил министер во владата на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини.

Бенито Мусолини/ Фото Pictorial Press Ltd / Alamy / Alamy / Profimedia

Во 1992 година интересот на Мелони за политиката бил поттикнат од колапсот на повоениот политички поредок во Италија, или таканаречената Прва република, среде серија скандали кои ја разоткриа широката корупција и влијанието на мафијата, пишува „Гардијан“.

Таа во својата автобиографија, Ио Соно Џорџа (Јас сум Џорџа) напиша дека инстинктивно била привлечена од младинското движење на МСИ, каде што вели дека нашла солидарност во тесно поврзана, ако е маргинализирана, заедница на милитанти често прикажани како злобни или насилни, кои целото свое време и го посветиле на политиката, наспроти тоа што често ги посетуваат дискотеките или купуваат како нивните врсници.

Мелони подоцна го усоврши своето политичко знање, дистрибуирајќи флаери во училиштата и поставувајќи плакати на улиците околу Гарбатела, цело време обидувајќи се да го процени јавното расположение преку разговор со луѓето на пазарите, нешто што таа рече дека го прави и денес.

Во 2004 година, таа била избрана за претседател на младинското крило на Националната алијанса, партијата што произлезе од МСИ.

Реакции од Европа

Голем број од десничарските политичари низ Европа утрово ѝ ја честитаа победата на Мелони, забележа Ројтерс.

Француската премиерка Елизабет Борн во утринското гостување за француското Радио РМЦ изјави дека „не сака да го коментира демократскиот избор на Италијанците и дека сега е потребно претседателот да го назначи новиот премиер“.

„Во Европа, имаме одредени вредности и секако тие мора да се почитуваат“ вели таа.

Лидерката на француската екстремна десница, Марин Ле Пен на својот Твитер профил ѝ ја честиташе победата на Мелони.

„Италијанскиот народ одлучи да ја даде својата судбина во рацете на патриотска и суверена влада“ напиша таа.

Балаш Орбан, политички директор на унгарскиот премиер Виктор Орбан, во негово име ја честиташе победата на Мелони на Твитер.

„Честитки Џорџа Мелони, Матео Салвини и Силвио Берслускони! Во овие тешки времиња, ние мора да бидеме пријатели кои делат заеднички мислења и визии за предизвиците на Европа“.

Лидерот на Шпанската опозиција Вокс, Сантиаго Абаскал на Твитер напиша дека „Џорџа Мелони го постави патот за гордата и слободна Европа за соработка за безбедноста и доброто на сите“.

Полскиот премиер Матеуш Моравијецки со кратка честитка на својот Фејсбук напиша: „Одлична победа! Честитки“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот