Мелони ја разлабави стиснатата десница на Браќата на Италија

Џорџа Мелони на предизборен митинг во Џенова - Фотографија ЕПА, Лука Ѕенаро

Поранешната новинарка од Рим настојува да докаже дека ги „закопала воените секири“ со Брисел и дека е отворена за соработка откако ќе ја преземе тешката обврска да ја води земјата во критичен период на длабока криза што ги надминува границите на Италија

Џорџа Мелони, која веќе ја гледаат како „првиот екстремен десничарски премиер на Италија по Бенито Мусолини“, впечатливо ги омекна радикалните политики на нејзината екстремна десничарска партија Браќа на Италија спроти изборите в недела.

Сите предизборни анкети укажуваат дека на изборите ќе победи десничарскиот блок на чело со Браќата на Италија – партија што настојува колку што е можно повеќе да ги прикрие своите фашистички корени во Италијанското социјално движење.

Но, 45-годишната поранешна новинарка од Рим настојува да докаже дека ги „закопала воените секири“ со Брисел и дека е отворена за соработка откако ќе ја преземе тешката обврска да ја води земјата во критичен период на длабока криза што ги надминува границите на Италија.

Пред само две години таа ги обвинуваше „бриселските технобирократи“ дека настојуваат да наметнат „советски план за уништување на националните и на верските идентитети“. Во тој период Браќата имаа освоено 4 отсто од гласовите на изборите. Сега се очекува да освојат 25 отсто.

Џорџија Мелони/ Фото EPA-EFE/ANDREA MEROLA

Мелони денес говори со впечатливо поблаг тон, речиси како „бриселски технобирократ“. Таа како „апсурдна приказна“ ги отфрли оценките дека нејзината партија ќе го загрози пристапот до речиси 200 милијарди евра што Италија ги доби од огромниот европски фонд за заздравување на економиите.

За промена на ставовите на Мелони придонесе и брзото влошување на ситуацијата на континентот. Од евро-скептичните говори на Мелони во 2020 година Италија и цела Европа, ги погодија брановите на пандемијата и тешките превентивни мерки, руската воена инвазија врз Украина, европски санкции за Русија и одмаздничкото затворање на гасоводите, обврските за преминување кон обновливи извори на енергија што заедно резултираа со масовни поскапувања на струјата, следствено на храната и на сите основни производи.

Наследничка на Супермарио

Во тој период на континентална несреќа, Италија имаше голема среќа што на премиерската функција беше Марио Драги, поранешниот гувернер на Европската централна банка, искусен политичар со одлични врски и со огромно влијание во институциите на Унијата во Брисел. „Супермарио“ издејствува Италија да обезбеди најголем дел, дури 191,5 милијарда евра од фондот на ЕУ, од вкупно 750 милијарди евра за заздравување на членките од последиците на пандемијата на ковид-19. Без пристапот до овие средства би бил загрозен проектираниот благ раст на третата најголема економија во Европа.

Марио Драги/ Фото EPA-EFE/Gregorio Borgia / AP POOL

Аналитичари укажуваат дека „Мелони сега е најголем поддржувач на политиките на Драги“, па и дека се консултира со него при креирањето на програмите. Мелони во кампањата најави дека ќе ја прилагоди програмата за заздравување, но професорот Лоренцо Кодоњо, поранешен директор во Министерството за финансии, не очекува радикални промени, особено не такви што би биле отфрлени од Европската комисија и би го блокирале пристапот на Италија до милијардите. Прилагодувањата би биле рефлексија на новата ситуација во Европа, поради очекуваното целосно запирање на протокот на гас од Русија.

– Таа мора да втисне свој белег на програмата. Но, се сомневам дека ќе ја промени суштината. Никој нема интерес да го загрози пристапот до европските пари – изјави Кодоњо за „Гардијан“.

Од Мелони се очекува за министер за финансии да назначи технократ што би бил гаранција дека нема значително да се отстапува од стабилниот курс што сега го води актуелниот премиер Даниеле Франко, поранешен гувернер на Централната банка на Италија. „Супермарио“ Драги би можел да придонесе како консултант и би бил гаранција дека „италијанскиот брод ќе плови по планираниот курс, наспроти разбрануваните води“.

– Во екот на кризата Мелони разбира дека Италија нема решение. Иако е националист и евро- скептик, таа разбира дека ваква криза може да се надмине само со европски решенија – вели Натали Точи, директорка на Институтот за меѓународни работи.

Европско единство

Во однос на надворешната политика, позициите на Мелони веќе се поклопуваат со оние на Европа. За советник таа веќе го има дипломатскиот ветеран и поранешен министер за надворешни работи Џулио Терѕи ди Сантагата. Мелони ја осудува руската воена инвазија и поддржува испраќање оружје и опрема на Украина. Најголем отпор во поддршката на европските санкции за Русија може да очекува од нејзиниот коалициски партнер Матео Салвини, кој веќе се појавувал во јавност со маица со ликот на Владимир Путин и неодамна изјави дека „рестриктивните мерки против Русија ќе ги спуштат на колена и Европа и Италија“. Другиот коалициски партнер Чинкве стеле досега не блокирал ниту еден пакет санкции за Европа и не се очекува дека Салвини би можел да го „саботира европското единство“.

Наспроти впечатливиот пресврт во политиката, некои европски дипломати и функционери стравуваат од фактот што екстремна десничарска партија ќе биде на челото на третата економски најмоќна земја во ЕУ. Мелони ја претставува реформираната Браќа на Италија како десничарска партија што не се разликува од конзервативците во Обединетото Кралство или од републиканците во САД. Но, таа одржува врски со владејачките конзервативци во Полска и со шведските демократи, кои по изборниот успех се во позиција да избираат партнер за коалициска влада.

– Мелони вели дека извлекла поуки од хаотичното раздружување на Обединетото Кралство. Но, ја загрижува подемот на националистичката евроскептична десница. Лесно е да се излезе на крај со еден, но ако имате двајца или тројца нелиберални или екстремистички лидери во Европскиот совет, процесот може да стане проблематичен – вели Петрос Фасулас, генерален секретар на Европското меѓународно движење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот