Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Доброутро празнично Скопјенце. Знаеме кој празник го славиме денес и зошто, така?! Ама, од „прва“ да ви текне!

Имаме помалку, но разновидни настани овој викенд, што би се рекло – за секого има по нешто! Па, доколку не сте „акнале“ надвор од градот, ќе ви препорачаме – од сè срце – како позитивно да инвестирате во времето за релаксирање со пријателите, семејството или, зошто да не, и сами. Почестете се со добро филмче, со коктелче, со најубавите „спринг ролс“ во градот (за да замирисате на пролет, која е толку далеку од нас), зададете си нов предизвик, на пример, да се качите на Китка.

Имаме уште предлози, еве ги, следуваат.

ПЕТОК

13 часот

Допуштете си една релаксирачка „пијачка“ за почеток на викендот. Празнична „пијачка“. Навратете во „Нано Бар“ и дружете се со музиката на диџејот Коза. Нарачајте си коктелче, и, ај сетете се, од кога не сте дегустирале добар коктел?

13 часот

Ако сте повеќе за семејна дружба, со дечињата, и ако до сега не сте го погледнале, гледајте го филмот „Дора истражува“ (во „Синеплекс“). Интересен е, а накусо, се развива, вака: И покрај поголемиот дел од својот живот, поминат во истражување на џунгли заедно со своите родители, сепак, ништо не може да ја подготви Дора за нејзината најопасна авантура – средното училиште. Насмејте се заедно со вашите деца. И активирајте го и нивниот авантуристички дух.

18 часот

Време е за посериозен филм. Во „Кинотека“ може да го погледнете филмот „Таткото“ во режија на Кристина Грозева и Петар Валчанов. Билетите чинат, речиси, па џабе, односно 100 денари, а може да си ги купите на билетарата на Кинотека.

20 часот

Погледнете го филмот „Мојот 20 век“ во режија на Илдико Ењеди. Станува збор за современа унгарска кинематографија. И за овие билети – право во „Кинотека“.

20 часот

Уште не го видовте филмот за најпознатиот негативец од Готам Сити – Џокер? Не мора во 20 часот, можете тоа да го направите и во 19 часот, во 21.20 часот и така наматаму…Има постојано проекции во Синеплекс. Користите Интернет, нели? На официјалната страница на „Синеплекс“ има сè што ве интересира.

21.30 часот

Генерал Јанковиќ (Вера) ќе ве забавува во „Цреша бар“. Што да дегустирате таму? Иако сме далеку од пролетта потсетете се на убавото време и нарачајте си „спринг ролс“. Многу се добри. Ако сте настинати, веднаш ќе оздравете.

23.59 часот

На минутка пред полноќ, бидете во „Станица 26“. И да задоцните малку, не е страшно. Ќе имате можност да танцувате и супер да се забавувате со диџејката Ана Мало до раните утрински часови. Оваа вечер, драги девојки, заборавете на високите потпетици. Искомбинирајте си го фустанчето со згодни патики.

САБОТА

11 часот

Дали сте за крос? Пријавувањето за кросот беше до вчера, па, ако не сте се пријавиле, би можете да се прошетате до кејот и да ги бодрите оние кои си се пријавиле на време. Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, традиционално и годинава, го организира Еразмус кросот.

17.30 часот

За сите љубители на ракометот ќе има спектакл во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје, ВАРДАР-КИЛ, дерби на 4. коло. Станува збор за вистинска мега пресметка во Лигата на шампионите!

21.30 часот

Во „Јавна соба“ гостува Васил Хаџиманов со својот бенд. Што ќе слушате? Се разбира, џез. Нарачајте си хамбургер, извонреден е! Заборавете на калориите оваа вечер. Зашто, ќе ви треба „подлога“ за следната недела – за Скопскиот џез фестивал. Ах, едвај го чекаме!

НЕДЕЛА

6 часот

Еве ви пригода да спортувате и да земете чист воздух. Може ли да се искачите на Китка? Сè е можно, ако се сака. Турата е средно тешка и долга е 16 километри. Превозот е организиран. За опремата што треба да ја носите и за сите други детали, јавете се на 072 252 915, кај Дејан.

13 часот

Ајде да дадеме гооолема поддршка на првата Парада за права на животните! Бидете пред Собрание, а потоа одиме кон Градскиот парк. Да ја подигнеме свеста за заштита на животните и животната средина. Да ја покажеме нашата голема љубов кон „шепастите“.

15.30 часот

Во рамките на Фестивалот за поткревање на свеста за заштита на животните и животната средина, до 22.30 часот во Градскит парк, на Школка, може да се забавуваме. Слободно земете ги со вас и „шепастите“. Еве ја програмата:
15:30 – 15:45 – Drum изведба од Skopje Drumline
15:50 – 16:00 – Отворање на фестивалот со Vane Markoski
16:00 – 17:20 – DJ Charley
17:20 – 17:40 – Дефиле/ревија со дечиња од Агенција Models In
17:40 – 17:55 – Шепасти Ентузијасти обраќање
18:00 – 18:50 – Minstrel’s Gallery
19:00 – 19:50 – Bandix
20:00 – 20:50 – South Park the band
21:00 – 22:50 – DJ set C2
22:50 – 23:00 – Затворање на фестивалот

18 часот

Ако до сега не сте го погледнале, гледајте го нашиот кандидат за Оскар, „Медена земја“. Заслужува Оскар. Репризата ќе биде во „Кинотека“.

20.45 часот

После важната победа над Словенија, продолжува сонот „ЕУРО 2020“. Стискаме палци – најдобрите македонски фудбалери да останат непоразени и против Полска во Варшава!

22 часот

Почестете се со вистинско колаче за крај на „Киненова“ и погледнете го рускиот филм „Човекот кој ги изненади сите“.

После филмот, навратете во најдрагата ваша слаткарница (нашата се вика „Апче“) и изедете вистинско колаче. Па, и две!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот