мирослав грчев
Мирослав Грчев / Фото: Приватна архива

Што ако Империјата се закашла

Вистинската моќ на светскиот хегемон и не е во неговата воена моќ или во нуклеарниот капацитет, туку во позицијата којашто САД ја обезбедија за својата валута, доларот, во периодот после Втората светска војна, кога впрочем и се воспостави глобалната доминација на тогаш младата Империја.

Веќе секому што има повисок коефициент на интелигенцијата од бројот на чевлите му е јасно дека американската империја го остави зад себе својот зенит и дека го отпочна болниот период на своето опаѓање. Колку и милијарди луѓе на светов да има што оваа вест би ги израдувала, би требало да се замислат какви последици ова ќе има и по нивните животи. Дури, откога ќе помислат малку на таа тема, можеби ќе почнат да палат свеќи за здравјето на најголемата и без секој сомнеж најзлата империја на планетава.
Губењето на улогата на единствениот светски хегемон, кој може на геополитичката сцена неказнето да бомбардира суверени земји, да уништува општества, да изгладнува и обезчовечува десетици милиони луѓе, веќе сега предизвикува страв кај мудрите и опулените на целата земјина топка, зашто може да предизвика неконтролирани и бесни реакции на размазениот хегемон. И, тука воените интервенции на САД и не се она од што светот треба најмногу да се плаши, туку се тоа економските санкции или други финансиски спазми на Империјата што можат навистина да ги загрозат животите на милијарди луѓе.

Зашто, вистинската моќ на светскиот хегемон и не е во неговата воена моќ или во нуклеарниот капацитет, туку во позицијата којашто САД ја обезбедија за својата валута, доларот, во периодот после Втората светска војна, кога впрочем и се воспостави глобалната доминација на тогаш младата Империја. Имено, доларот стана доминантната светска валута, и тоа и како резервна валута на земјите ширум светот, и како доминанта кредитна валута во којашто се деноминирани долговите на земјите, но и како валута во којашто предоминантно се тргува.

Ваквата глобална употреба на доларот им овозможи на САД со своето законодавство да навлезат во јуриспруденцијата на сите суверени држави и на тој начин да го обезбеди и да го одржува хегемонскиот статус. Но, уште посмртоносна е политиката на економско санкционирање и вршење на политички притисок со економски санкции, практично на која и да е земја што ќе им се „замери“ на каков и да е начин. Во меѓународното право економските санкции – доколку не ги пропише Советот за безбедност на ОН – се потполно нелегални, а веќе постојат премногу докази дека се практично злостор против човештвото зашто претставуваат средство за масовно уништување на луѓе.

Пред неколку месеци во „Лансет глобалното здравје“ е објавена исклучително релевантна научна студија во која е пресметано дека унилатералните економски санкции – најмногу оние донесени од САД, но и од вазалите од ЕУ – се непосредно причина на дури 560.000 смртни случаи годишно. Оваа неверојатна стапка на смртност како последица од криминалните економски санкции најмногу се однесува на умирање на деца и стари луѓе, а се причинети од гладување и недостаток на медицински материјали, опрема и нега.
Всушност, во студијата е пресметано дека од 1970 до 2021, за време на владеењето на глобалниот неолиберализам и неспорната хегемонија на американската империја, како последица од економските санкции починале дури 38 милиони луѓе. Се разбира, никој не одговара за овој практично најголем и секако најмеѓународен геноцид во историјата, и оваа грамадна гибел, овој magnum crimen, останува дури и незабележан и игнориран од светската медиумска мрежа (која е поседувана од истите оние што ѝ ги воведоа криминалните економски санкции).

Сепак, интересно е да се спомне дека со овие нелегални економски санкции што еднострано ги воведува Трезорот на САД, се укинуваат практично сите декларирани основни својства и вредности на либералниот капитализам: се ограничува трговијата, се контролира и укинува инвестирањето и пристапот кон глобалните банкарски системи. Во моментот додека ги пишувам овие редови повеќе од 25% од сите земји на светот во кои живеат повеќе од 2,6 милијарди луѓе се предмет и жртва на некои од криминалните санкции воведени од САД и ЕУ вазалите. Но, да се вратиме на моќта што на Империјата ѝ ја дава нејзината валута.

Доминантната улога на доларот во светскиот економски систем им овозможи на САД од 1945 до 70-ите години од минатиот век да биде доминантниот извозник и кредитор во светот, а потоа па сѐ до денес им овозможи да го извезуваат својот дефицит и својот долг практично во сите земји со висока развојна стапка, се разбира, печатејќи виртуелни долари практично во неограничени количини. Доминацијата на доларот во светската економија можете да ја осетите набљудувајќи го уделот на оваа валута во меѓународниот долг, во светските девизни резерви, но и во вкупниот трговски промет.

Доларот е најзастапена валута во глобалниот должнички пазар, па дури 64% од сите меѓународни долгови се деноминирани во американски долари. Сличен е уделот и во вкупните светски девизни (разменски) резерви што земјите ги чуваат во неколкуте „најсигурни“ трезори: дури 58% од сите девизни резерви се во долари (но, пречестото „замрзнување“ на средствата од страна на САД и слична злоупотреба е и причината многу земји да почнат да се еманципираат од доларската зависност, и со тоа да ја слабеат моќта на хегемонот). А најфрапантен е уделот на доларот во меѓународниот трговски промет од над 80 насто од сите трансакции!

Елем, за да замислиме што ќе се случи доколку во своето опаѓање Империјата нешто се закашла или засркне, (а за тоа да не се случи треба да им се молиме буквално на сите сѐ уште непензионирани богови), доволно е да се направи проекција на економските последици доколку – да речеме заради зголемената инфлација – американските Федерални резерви ги подигнат интересните рати на 20%. Оваа мерка веднаш би предизвикала катастрофални глобални последици, ужасни рецесии, пропаѓања на пазарите на акции, отпуштање на стотици милиони работници, и, се разбира, државни банкроти и регионални и локални катаклизми на целата планета. Но, најлошо би поминале најсиромашните и оние помалку сиромашните што се задолжени доволно за да не можат да го отплаќаат долгот. Тоа овие буквално ќе ги уништи и ќе ги претвори или во економско робје, а земјата, природните ресурси и општите добра, ќе им бидат отуѓени, или пак ќе ги втурне во граѓански војни и сепаратистички спазми од кои ќе излезат уништени и распарчени.

Се разбира, вие мислите дека оваа претпоставка е сосем измислена и невозможна, но таа реално се има случено во раните 80-ти од минатиот век и е позната во еснафот на економистите како „хипер Вокер шок“. Во таа доба, веднаш по смртта на Тито, САД упаднаа во послевоениот период во незапаметена криза што се манифестираше со рекордна инфлација од 14% и невработеност од цели 11%. За да ја скротат инфлацијата Вокер и Федералните резерви на САД ги подигнаа интересните стапки на 20% и предизвикаа катастрофални последици ширум светот.

Денес таквите интересни стапки би биле многу поштетни по светската економија, особено зашто светот денес е многу повмрежен и меѓусебно поповрзан во периодот на глобализацијата, но тогаш тие 20 насто интересни стапки подигнати бесно нагло, за само некој месец, беа доволни за да го трасираат процесот на распаѓањето на Југославија. Ова е особено важно за оние што веќе четврта деценија серкаат дека Југославија пропадна заради презадолженоста. Во смртниот час, кога беше најмногу задолжена, нејзиниот долг беше едвај 24% од БНП!

(Авторот е архитект и универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот