Шефот на француската дипломатија: Повиците за бојкот на француските производи се ограничени
Повиците за бојкот на француските производи во Турција и муслиманскиот свет во моментов се ограничени и се однесуваат само на прехранбените производи, изјави денес министерот за надворешни работи Франк Ристер, пренесоа француските медиуми.
„Во моментов, тој бојкот е многу ограничен и се однесува само на прехранбени производи. Дотолку подобро“, рече Ристер, пренесува весникот „Фигаро“ на својата веб-страница.
Повиците за бојкот на француските производи се удвоени од саботата во муслиманските земји во знак на протест против неодамнешната изјава на претседателот Емануел Макрон за слободата на изразување и прикажување на карикатури на муслиманскиот пророк Мухамед.
На неодамнешната национална свеченост за оддавање на почит на убиениот учител по историја и географија Самуел Пати, Макрон рече дека Франција „ќе продолжи да ги брани карикатурите“. Еден млад исламист го убил Пати затоа што им покажал на студентите карикатури на пророкот Мухамед на час за слобода на изразување.
Ристер рече дека е отворен сектор во француското Министерство за надворешни работи, кој ќе ја следи состојбата во земјите кои повикаа на бојкот.
Според него, Франција сака продолжување на економската соработка со Турција, за која се повикува да го смени однесувањето кон Франција и Европската унија.
Извор: БЕТА