Шахпаска: Зголемена бројката на граѓани кои користат гарантирана минимална помош

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Центарот за социјални работи Куманово опслужува околу 17.800 корисници на сите услуги и права, а пружа интегрирано водење на 13.000 случаи. Од почетокот на учебната година за два и пол пати е зголемен бројот на корисници на детски и образовен додаток, информираше денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска при посетата на Центарот. На ниво на државата е зголемена бројката на граѓани кои користат гарантирана минимална помош, што според надлежните се должи на олеснет пристап до права на ранливи категории граѓани.

– Дојдовме да видиме како на терен се имплементира социјалната реформа која минатата година беше изгласана, односно на кој начин функционира Центарот во испорачување на правата и услугите кои граѓаните ги адресираат заради своите потреби, една успешна приказна на имплементација на проектот интегрирано водење на случаи. Овој нов начин на работа на водење на прашањата од сферата на социјалата дава резултати затоа што граѓаните кога приоѓаат кон центрите и поднесуваат барања за материјалните права ги добиваат услугите на многу пократок рок, меѓутоа истовремено и социјалните услуги кои ги водат стручни работници, претходно кои поминале обука и кои се квалификувани да одговорат на она што претставува интегрирано водење на случаи, рече министерката.

Во услови на пандемијата вработените во Центарот се реорганизирале и овозможиле на поефикасен начин да ги доближат услугите до граѓаните, штитејќи ги и барателите и вработените, воведувајќи шалтерски систем, брзо поднесување, прием, обработка на документи, електронска проверка.

– Говорам за права затоа што во услови на пандемија, ова е особено значајно да го олесниме пристапот на граѓаните кои се најранливата категорија на граѓани. Тука говорам за правото на гарантирана минимална помош, кое уште техничката влада го овозможи да биде со олеснет пристап намалувајќи ги критериумите за остварување на ова право, наместо да се пријавуваат во Агенција за вработување минимум три месеци, го сведе рокот на само еден месец, дополнително не мора лицето-барател на гарантирана минимална помош во име на своето домаќинство да биде пријавен во Агенција за вработување, така што сакаме на секој можен начин да го олесниме пристапот и граѓаните да ги добијат тие парични средства за кои сме свесни дека во услови на пандемија се неопходни, вели министерката.

Од почетокот на учебната година се зголемиле и барањата на деца за образовен додаток кој е дополнително оставен дел освен гарантираната минимална помош во домаќинствата. Бројот на деца кои го добиваат овој образовен додаток е два и пол пати поголем, отколку пред појавата на пандемијата.

– Како Министерство правиме измени во законот за социјална заштита тоа го работиме денес за да овозможиме полесен пристап и на овие деца, односно во делот на нивното задолжително присуство на настава, барем 85 проценти како предуслов да го добиваат овој додаток. Течат и сите останати парични права, зголемен е бројот на приматели на помош и нега од друго лице затоа што како одговорна Влада со воведување на 15 комисии кои одлучуваат во сите региони во државата го олеснуваме пристапот и до ова парично право. Она што е значајно и сакам да ја пофалам директорката и вработените во Центарот тоа е интегрираниот начин на водење на случај, вели министерката.

Овој испорачан нов начин на работа во сферата на социјална заштита, оцени министерката им помага на граѓаните полесно да ги добијат услугите, да се решаваат нивните проблеми и да излегуваат од системот, нагласувајќи дека суштината на социјална реформа не значи да се регрутираат поголем број на граѓани на кои им е потребна социјална помош, туку луѓето да се извадат од сиромаштија, да се оспособат преку процесот на активација кој го изработија центрите за социјална работа со агенцијата за вработување, луѓето да добијат нови квалификации и да бидат поконкурентни да пазарот на трудот.

– Една успешна приказна која велам е добар пример социјалната реформа која беше донесена како закон може да се примени во секојдневното работење со една и единствена цел да се задоволат потребите на граѓаните, заклучува министерката.

На ниво на државата е зголемена бројката на граѓани кои користат гарантирана минимална помош.

– Гарантирана минимална помош, онаа која ја добиваат семејствата е зголемен за 5.300 семејства, бројката е дополнителна на тие 27.000 семејства кои примаат гарантирана минимална помош пред почетокот на пандемијата. Повторувам како одговорно министерство како Влада го олеснуваме пристапот, затоа што сме свесни дека сега ова е помош на ранливите категории граѓани, на тие семејства им е неопходна. Затоа оваа бројка се зголемува, ние сме подготвени како Влада сите баратели на гарантирана минимална помош, системот да ги прифати, така што сите што ги исполнуваат условите, никој нема да биде одбиен. Државата не прави лимит на финансиски средства кои би ги потрошила за оваа намена, вели Шахпаска.

И директорката на установата, Александра Арсовска потврдува дека бројот на баратели за сите права е зголемен, но нема сериозно зголемување на корисници на гарантирана минимална помош, но за детскиот и образованиот додаток има сериозно зголемување.

– За пример во текот на изминатиот месец за оваа календарска година, за првиот мерен период имаме поднесено 4.000 барања за образовен додаток, што е сериозна бројка, за разлика од претходната година пред донесување измените на законот за заштита на деца и законот за социјална заштита кога ова право го користеле само 770 деца, ова се должи на олеснетиот пристап на користење на ова право, бидејќи го користат и деца од семејства кои користат гарантирана минимална помош и корисници на детскиот додаток. Тука е зголемен бројот затоа што се внесени во ова категорија и корисниците на гарантирана минимална помош, изјави Арсовска.

Министерството и надлежните од Центарот за социјални работи Куманово ќе помагаат да се надминат состојбите со старата зграда во која се наоѓа Центарот и во која со години не е вложувано, но министерката потенцираше дека како Министерство сакаат да вложуваат во директната поддршка на граѓаните, а вработените и администрацијата ќе бидат во втор план, бидејќи нагласи во центарот на државата, општеството, во центарот на социјалата се наоѓаат граѓаните и нивните потреби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот