Сертификатот за безбедност локалите ќе го добиваат бесплатно само ако ги исполнуваат условите

Угостителите, хотелиерите и туристичките работници „со душа“  чекаат за да го добијат безбедносниот сертификат „safe travel“. Според нашите соговорници, овој сертификат ќе означува сигурно и безбедно патување на некоја дестинација. Туристите преку печатот ќе ги препознаваат државите и туристичките капацитети, без притоа да се двоумат дали земјата во која сакаат да патуваат е безбедна и има воспоставено некаков хигиенско-здравствен и безбедносен систем на делување.

Димитар Кашиков,  претседател на Стопанската  комора за туризам за „Слободен печат“ вели дека Коморите и здруженијата имаат обврска да состават комисии од три члена која врз основ на прашалници од сто прашања ќе увиди дали подноситеот на барање за сертификат има услови за таков сертификат.

-Доколку локалот ги исполнува условите, сертификатот ќе го добие бесплатно. Сите кои ќе поседуваат сертификат за безбедност ќе бидат промовирани како безбедни места за престој. Сметам дека е добро да се поседува еден ваков сертификат, кој ќе значи сигурност кај потрошувачите, објаснува Димитар Кашиков од Стопанска комора за туризам.

Во добивањето на сертификатот за безбедност ќе посредува Министерство за економија по основ на превземените права од светската туристичка организација. Министерот Бектеши најави дека наскоро ќе започне процесот за добивање на безбедносен сертификат.

-Веќе сме во контакт со нашите стопански комори и со Швајцарската амбасада. Предвидено е да направиме комисија која ќе утврди кои критериуми треба да се исполнат согласно тоа што го добивме од страна на странските организации. Веќе ќе почне тоа да се прави во угостителските објекти кои се заинтересирани да обезбедат ваков печат кој е многу важен за поттикнување туристи да престојуваат во нивните угостителски објекти, вели Бектеши.

Но, од друга страна, ставот на Здружението за угостителство и туризам  при Стопанската комора на Македонија смета дека краток е рокот за имплементација на стандардите за да се добие печат „Safe travel“. Според нив имаме уште максимум два месеца да го спроведеме целиот процес кој подразбира, пред се, носење и примена соодветни хигиенско-здравствено-безбедносни протоклоли врз основа на кои потоа се добиваат и печатите.

– Не смееме да ја пропуштиме претстојната туристичка сезона. Ако ве нема две години по ред на светската мапа, многу брзо може да ги загубите на подолг рок и традиционалните туристички дестинации. Се надевам дека ќе бидеме навреме подготвени да ја стартуваме годинава со странски трусти ако освен на „Safe travels“, паралелно се фокусираме и на поагресивна дипломатската активност, вели Даниела Михајловска Василевска.

Вакви безбедносни сертификати се користат во хотелско-угостителскиот сектор, авијацијата, аеродромите, тур-операторите, издавачите на станови, рент-а-кар компаниите, превозниците…

За спас на летната туристичка сезона туристичките работници бараат овозможување бесплатни ПЦР тестови за странските гости и бизнисмени кои спијат во категоризирани угостителски објекти.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот